Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев денеска порача дека на состанокот на работните групи на владејачката коалиција и на опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ нема да има пазарење за криминал и дека тој посакува да се постигне согласност за нов закон за СЈО, но и ако тоа не се случи, државата ќе продолжи да функционира со постоечките закони за Јавното обвинителство. Сепак, тој порача дека треба да се тргнат личните предрасуди за се постигне договор за силно СЈО.

-Законот за Јавното Обвинителство се носи со двотретинско мнозинство. И треба да се разговара за да се обезбеди тоа двотретинско мнозинство. Ако го има, ќе има нов закон за Јавно Обвинителство, ако го нема, државата продолжува да функционира со последните закони за Јавно Обвинителство. Ниту има потреба од пазар, ни па има некој потреба за да постигне некои цели преку ваквите разговори – одговори Заев на новинарско прашање дали новите разговори на работните групи не се пазарење за криминал.

Заев одговараше на новинарите пред судот, каде денеска сведочеше за случајот по неговата приватна тужба за закани кои ги добил преку Фејсбук во јуни 2016 година.

Прашан дали е в ред партиите да бираат кој може да биде специјален јавен обвинител, а кој не, Заев посочи дека на крајот зборот го има Советот на јавните обвинители, а не парламентот или владата.

Тој повика во полза на земјава, да се тргнат личните предрасуди и да се донесе нов закон за СЈО.

– Република Северна Македонија ќе ја биде и ќе биде добра држава, се надевам дека нема да троши и губи време. Сериозен јавнообвинителски систем мора да има, со помош на меѓународната зедница, на сите експерти ќе имаме прекрасен закон со сите укажувања од Венециската Комисија и сето она што е вредно за државата. Оттука и нашата одговорност како чинители во општеството треба да си ја понесеме. Јас верувам дека ова не се преговори, ова се разговори на работни групи помеѓу двете најголеми политички партии, а ние сме веќе претставени преку коалицијата во владата за да се убедиме сите дека личните предрасуди треба да се тргнат на страна и да го поддржиме тоа што е добро за граѓаните и за нашата земја – рече Заев.