fbpx

Заев: Груевски призна пораз на неговите економски политики

-

„Никола Груевски официјално призна целосен пораз на сите негови политики во изманативе десет години. Неговите расипнички и недомаќински политики без економски концепт и без визија за развој на земјата ја доведоа државата во ситуација да мора да се задолжува да обезбеди пари за плати, пензии и за социјална помош и друго“, обвини лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција.

Заев вели дека со овој чекор паѓа во вода целиот виртуелен свет на лажни економски успеси што Никола Груевски со години го креира преку медиумите што се под негова контрола, а се скапо платени со народни пари.

– Лошата состојба во економијата со години наназад беше виртуелна, лажно претставувана како втора во Европа, а 12. во светот. Од вчера, граѓаните, компаниите, работниците, лекарите, земјоделците, професорите, сите знаат за целосниот колапс на економските политики на Груевски, ако може да се наречат економски политики. Груевски ја доведе Македонија пред банкрот. Во изминативе десет години Груевски потроши 25 милијарди евра од буџетот, пари на граѓаните, а ја доведе државата во ситуација да не може да исплати плати и пензии. Каде се парите на граѓаните кои со години плаќаат даноци и други давачки. Како е можно да нема пари за плати и за пензии, а да се потрошат 630 милиони евра на споменици. Ако нема пари за плати и за пензии, тогаш Груевски нема што да чека. Треба веднаш да престане со непродуктивните трошења, како, на пример, за ЛЕД-телевизори од еден милион евра – рече Заев.

Лидерот на опозицијата обвини дека виртуелната реалност на Груевски е далеку од вистината, која е поразителна. Заев рече дека повеќе од 180.000 граѓани на Македонија живеат со 40 денари на ден, повеќе од 500.000 граѓани на Македонија живеат на работ на егзистенцијата. Секоја трета фирма во Македонија, според него, е со блокирана сметка, а повеќе од 10.000 фирми биле затворени.

– Додека граѓаните осиромашуваа, Груевски мислеше на провизиите, парцелите на Водно, мерцедесот од 600.000 евра, како и на очилата од 60.000 долари. Затоа денеска нема пари за нови болници, училишта, градинки. Нема пари ниту за војниците на границата, за лекарите, а нередовно се исплаќаат и субвенции. Корупцијата во изминативе години однесе многу работни места и избрка многу потенцијални инвеститори. На Македонија ѝ се потребни промени. Секој ден кој Никола Груевски го поминува на позиција во власта значи доближување на Македонија до банкрот. СДСМ нема да дозволи банкрот на државата, но исто така нема да дозволи чоколади за корупција и изборна измама. Веќе на дело СДСМ покажа како се управува со јавните финасии, транспарентно, одговорно и во интерес на граѓаните и на идните генерации – изјави Заев.

Тој најави дека на програмскиот конгрес на партијата, кој е предвидено да се одржи на 13 декември, ќе ја објават новата економска програма за иднината на успешна, напредна и европска Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...