Договорот за добрососедство со Бугарија е во согласност со националните интереси и овој голем чекор одговора на интересите на народите на Македонија и на Бугарија, а е одраз на новиот дух на политики од генерација политичари кои градат мостови, а не уриваат, сплотуваат граѓани, а не ги делат, изјави премирот Зоран Заев на презентацијата на договорот за добрососедство со Бугарија во Владата.

Тој рече дека договорот ќе биде објавен на веб-страницата на Владата и дека така секој ќе може да го види.

– Договорот е основа за добрососедство и за пријателство, за поврзување на патната и на гасната инфраструктура. Тој претставува унапредување на размената на стоки и на услуги и на капиталните инвестиции. Трговската размена со Бугарија сега изнесува 500-600 милиони евра, зошто да не биде една милијарда евра? Македонија во Трст доби 70 милиони евра за изградба на Коридорот 8 – изјави Заев.

Премиерот рече дека со договорот двете држави се обврзуваат заеднички да се борат против говорот на омраза и национализмот, за спречување на недобронамерната пропаганда од страна на институции и на агенции. Прашан дали тоа значи дека ќе се казнуваат медиуми и личности што ќе прават вакви дејства, Заев рече дека во такви случаи Владата ќе се огради од ставовите на други лица и институции.

Тој додаде дека значајно е што Бугарија цврсто го поддржува приемот на Македонија во ЕУ, без условувања, и дека таа ќе го пренесе своето искуство во процесот на европски интеграции.

– Европската индина им е потребна на Република Македонија и на регионот. Европската Унија на самитот во Трст препозна во Македонија мотор за развој на регионот – рече Заев.

Тој изјави дека потпишувањето на овој договор е финализирање на процесот почнат во 2009 година, од кога комисиите на Македонија и на Бугарија имале 10 меѓусебни средби.

Во однос на делот на договорот со кој Македонија потврдува дека нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија заради заштита на статусот и на правата на Македонците во Бугарија кои не се државјани на Македонија, Заев рече дека македонскиот Устав е демократски и дека со последните негови измени отстранет е членот што овозможува земјата да се грижи за македонското малцинство во другите земји.

Премиерот очекува конструктивна дебата во Собранието и опозицијата да учествува во заокружувањето на процесот и да даде поддршка на договорот. На прашање дали за договорот е консултиран претседателот Ѓорге Иванов, Заев рече дека градат добра кохабитација и дека и пред посетата на Бугарија имале двочасовна средба, како и дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров, редовно има средби и состаноци со претседателот.

На новинарско прашање во врска со јазикот на кој ќе биде потпишан договорот, Заев појасни дека тој ќе биде составен во два примероци, на македонски и на бугарски јазик, и дека во таква форма ќе биде потпишан од двете страни. Тој истакна дека договорот станува обврзувачки откако ќе биде потпишан, но рече дека истиот, иако тој тоа не би го сакал, може да го раскине која било од страните со испраќање писмено известување. Важноста на договорот, во таков случај, престанува една година од датумот на приемот на известувањето.