fbpx

За правосудството и антикорупцијата – спроведување, спроведување, спроведување!

Од скрининг извештајот на Европската комисија за Поглавјето 23

-

Поглавјето 23 се состои од четири области:

  • Правосудство;
  • Антикорупциска политика;
  • Темелни права;
  • Права на граѓаните на ЕУ.

Поради обемот на извештајот од скринингот за ова поглавје, му посветуваме две статии – првата за областите на правосудството и анти-корупцијата, а  втората за преостанатите области.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Acquis за правосудството поинтензивно се гради од Лисабонскиот договор и вградувањето на Повелбата на темелните права на ЕУ во примарното право на ЕУ. Извештајот од скринингот и за ова поглавје се повикува најпрвин на познатиот член 2 со кој се утврдуваат основните вредности на ЕУ, но и одредбата од Договорот за ЕУ со која се определува обврска на државите членки да обезбедат правни средства за пружање ефективна правна заштита во полињата опфатени со правото на ЕУ. Особено важна е одредбата од Повелбата за темелните права (чл. 47) за правично судење, според која судството мора да биде независно и непристрасно. Значаен и сѐ побогат извор на правото на ЕУ во однос на овие права е и јуриспруденцијата на Судот на правдата на ЕУ. Творци, пак, на стандардите на ЕУ за правосудството се Советот на Европа, неговата Венецијанска комисија и други консултативни тела, како што е  Консултативниот совет на европски судии. Меѓу другите релевантни извори на стандарди се и Европската мрежа на советите за правосудството, како и ООН.

Констатациите и главните препораки за правосудството се искажани на прилично умерен начин и воопштено. Оценката за подготвеноста останува иста од минатиот извештај – помеѓу одредено ниво и умерена подготвеност (2,5). Нивото на законската и институционалната усогласеност со европските стандарди е оценето како добро. Тоа укажува дека лекот за сегашните „болести“ не треба првенствено да се бара во натамошни измени на законите, туку во практиката.  Препораките во подрачјата: „Независност и непристрасност“,Квалитет“ и „Одговорност“ содржат директни пораки до советите за судии и јавни обвинители да го почитуваат принципот на независност на судството, да ја унапредат транспарентноста, да спречат и санкционираат облици на внатрешно и надворешно мешање во правосудниот систем. Стојат и препораките за подобро управување на човечките ресурси (за што има Стратегија) и унапредување на системот АКМИС. Критикувани се рестриктивните одредбите од Кодексот на етика на Советот за јавни обвинители во поглед на можноста за коментар на неговите одлуки, што очигледно алудира на „хајката“ против обвинителката Ристоска. Покрај зачувувањето на улогата на Академијата за судии и јавни обвинители како „единствена влезна точка“ во судството, се препорачува и поголем придонес за специјализацијата на судиите и обвинителите. Во подрачјето “Ефикасност“ генерално се констатира дека судовите, со исклучок на Управниот, одржуваат речиси 100% стапка на решавање на пристигнатите предмети. Комисијата е изрична дека не се направен напори да се спроведат препораките на Венецијанската комисија за преиспитување на одредбите на Законот за употребата на јазиците во поглед на двојазичноста на судските постапки.  Дадена е и општа препорака за унапредување на медијацијата.

Acquis зa Анти-корупциската политика е попрецизно во споредба со она за правосудството. Примарното право на ЕУ дава обврска за превенција и борба против криминалот и преку апроксимација на кривичното право. Правната рамка е особено развиена за заштита на финансиските интереси на Унијата (познатата Директива за борба против измамите – ПИФ), со која се определуваат дефинициите на активна и пасивна корупција,  како и основни правила за санкциите. Со создавањето на Европското јавно обвинителство се зајакна институционалната рамка на ЕУ за борбата против корупцијата. Значајно е и развиеното законодавство на ЕУ поврзано со перењето пари, замрзнувањето и конфискацијата на средствата и имотната корист стекната со кривични дела, како и за заштита на свиркачите. Релевантни се и бројните меѓународни инструменти:  анти-корупциските конвенции на Советот на Европа за кривично и граѓанско право, конвенциите на ООН против корупцијата и против организираниот криминал, како и документи на ОЕЦД. Од телата кои ги следат активностите значајна е Групата земји против корупцијата во рамките на Советот на Европа (ГРЕКО), чиишто извештаи резултираат со конкретни препораки.

Оценката на Извештајот од скринингот за областа „Антикорупција’ е иста како и за правосудството – 2,5.  И овде резимето на наодите е прилично општо. Законската и институционалната рамка е оценета како делумно усогласена. На законодавен план потребата од дополнители усогласување е лоцирана во законодавството за заштита на свиркачите. Поставената стратегиска рамка слабо се имплементира (10%), оттаму и препораката за доследно спроведување. Потреба за институционално јакнење, но и специјализација (особено во поглед на истражните капацитети) се констатира особено за Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, за Државната комисија за спречување на корупцијата и за, но и за судиите од Одделението за организиран криминал и корупција. Повторена е потребата од посериозно справување со конфискација и поврат на средства и имотна корист стекнати од корупциски кривични дела, како и за спроведување на неспроведените односно делумно спроведените препораки на ГРЕКО. И покрај констатацијата дека продолжува работата на предметите на корупција, особено на високо ниво, досието на резултатите за ваквите предмети се оценува како „прилично ограничено“.

За споредба, оценките за подготвеноста од извештаите од скринингот за Албанија се 3 за правосудство, а 2 за анти-корупцијата.

 

Резиме на наодите

Извештај од скринингот, Кластер 1, Поглавје 23: Правосудство и темелни права

Области: Правосудство и анти-корупција

Оценка за подготвеност: не е дадена на ниво на поглавје

Подрачје Оценка за подготве­ност Резиме на наодите
I Правосудство

 

 

 

I.A Независност и непристрасност

 

I.Б Одговорност

 

I.В Квалитет

I.Г Ефикасност
2,5 Законодавната и институционалната рамка за судството во Северна Македонија има добро ниво на усогласеност со правото на ЕУ и европските стандарди.

Северна Македонија треба:

–        дополнително да ја зајакне, на ефективен начин, независноста на судиите и обвинителите,

–        да ја консолидира одговорноста и интегритетот на сите нивоа на судството,

–        и да ги зголеми пристапноста и квалитетот на правдата, која треба ефикасно да се спроведува.

II. Антикорупција  

 

 

II.A Стратегиска и законска рамка

 

 

 

II.Б Институционална рамка

 

II.В. Досие на спроведувањето

2,5 Законската и институционалната рамка за антикорупција е делумно усогласена со правото на ЕУ.

Земјата треба да:

–        продолжи со спроведувањето на националната стратегија за спречување на корупција, особено во ризичните сектори како што се набавките и јавните финансии;

–        одвои доволно ресурси за Државната комисија за спречување на корупцијата  и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција

–         да го консолидира досието на резултатите во  спречувањето и борбата против корупцијата, вклучително и на високо ниво;

–        се справува сериозно со заплена и одземање/поврат на средствата стекнати со кривични дела поврзани со корупцијата;

–        систематски да ги спроведува препораките на Групата на држави против корупција (ГРЕКО) на Советот на Европа.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...