Никој не е надлежен за воведувањето на комбиниран билет за јавен превоз за граѓаните кои секојдневно патуваат во Скопје од околните градови. Она што е нормална пракса за било која развиена земја, кај нас не може да се воведе со години наназад, и покрај тоа што жителите на Велес, Куманово и Тетово редовно ја бараат. Комбинираниот билет би им овозможил на овие граѓани еднаш месечно да издвојат сума, со која ќе можат да патуваат со воз или автобус до Скопје, а со истиот билет да го користат и јавниот превоз во главниот град.

Во моментов, граѓаните на Велес, Куманово и Тетово одделно си плаќаат месечни карти за воз или автобус, плус месечен билет на ЈСП – Скопје за да стигнат на своите работни места. На пример, месечниот билет за патување со воз на релација Скопје – Велес – Скопје чини 2.450 денари. На оваа сума, велешани треба да платат уште 1.600 денари месечен билет на ЈСП – Скопје за да стигнат до своето работно место. Уште поголем е износот на сумата, ако жителите на овој град се одлучат да патуваат со автобус. Најниската цена за патување со автобус е 3.000 денари, под услов да се патува со велешкото автотранспортно претпријатие.

И додека граѓаните на околните градови мака мачат за решавање на овој горлив проблем, институциите се прогласуваат за ненадлежни на оваа тема. Од ЈСП – Скопје велат дека Градот Скопје е единствено одговорен за евентуално воведување и користење на комбинираниот билет за превоз. И покрај тоа што поставивме прашања на оваа тема, „Мета.мк“ не доби одговор од градските власти.

Од Железници – Транспорт за воведување на комбинираниот билет велат дека одговорот на прашањето треба да се бара во Министерството за транспорт и врски. Од ова министерство пак за „Мета.мк“ го даваат следниов одговор:

– Министерството за транспорт и врски досега нема водено разговори со Градот Скопје и со ЈСП – Скопје. Согласно законската регулатива, Министерството нема надлежност за ова.

И додека сите надлежни институции се прогласуваат за ненадлежни, граѓаните на Велес, Куманово и Тетово за да стигнат на своето работно место мора да споделуваат места во автомобил или да патуваат со диви таксисти во Скопје. Велешани издвојуваат над 6.000 денари месечно за да стигнат на работа со овој вид превоз, кој им овозможува да платат билет на едно место, но и да стигнат без прекачувања од својот дом до работното место и обратно. Интересот за ваквиот превоз континуирано расте, за сметка на загубата на бројот на патници во железничкиот, автобускиот и јавниот превоз во Скопје.