fbpx

За една година, Хелсиншкиот комитет овозможил правна помош за 33 случаи на родово базирано насилство

-

Поразителни сознанија и потресни приказни од секојдневната пракса беа споделени на завршната конференција на проектот „Превенција, поддршка и застапување за родово базирано насилство”, поддржан од Германскиот Маршалов фонд на Соединетите Американски Држави и Норвешкото министерство за надворешни работи, соопштуваат од хелсиншкиот комитет за човекови права. Координаторката на проектот, Бојана Јовановска во своето излагање посочи дека само во текот на проектниот период од една година, Хелсиншкиот комитет овозможил бесплатна правна помош за 33 случаи на родово базирано насилство (26 – семејно насилство, 2 – сексуално насилство, 3 – силување и 2 – сексуално вознемирување).

„Анализата на овие случаи покажува непрофесионалност, контрадикторност и невоедначеност во постапувањето на дел од центрите за социјална работа, нивно непостапување во случаи кога станува збор за насилство извршено од поранешен партнер, непостапување на јавното обвинителство по кривична пријава за сторено родово базирано насилство (со образложение дека не се работи за дело што се гони по службена должност) и непостапување на МВР по добиени пријави за семејно насилство“, стои во соопштението од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

На настанот бил презентиран и документот за јавни политики „Кој (не) може да пријави насилство?’’ (објавен на македонски, албански и англиски јазик), кој дава одговор на прашањето како непостапувањето на надлежните институции влијае врз пријавувањето на насилството, притоа анализирајќи го проблемот преку неколку аспекти: користење на можноста за пријавување од трето лице, вклучително и анонимно пријавување; последиците од непостапувањето на надлежните институции откако ќе добијат пријава за насилство и пријавување од страна на надлежни институции по добиено сознание.

Документот кој го презентираше правната советничка во Хелсиншкиот комитет, Наташа Петковска, дава неколку можни решенија за зголемување на стапката на пријавување насилство преку конкретни насоки и препораки до надлежните институции за креирање мерки и политики за надминување на постоечките бариери. Петковска се осврна и на три студии на случај, кои се содржани во документот, а кои даваат јасна илустрација за состојбата на терен.

Во рамки на овој проект, изминатиот период беа одржани седум обуки за основните концепти на Истанбулската конвенција и спроведување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, наменети за полициски службеници од сите сектори за внатрешни работи во државата, освен Скопје.

Адвокатката Марта Гусар, која беше ангажирана како обучувачка кажа дека Македонија не е Скопје и дека низ државата не знаат за постоењето на законот, а камоли за примена, што според неа, е поразително.

„Кај полицијата, премногу застапен е хиерархискиот елемент при постапување – доколку немаат насоки „од горе’’, тие ги враќаат и осудуваат жртвите, а потоа тие се враќаат кај сторителот’’, рече таа.

Гусар посочи дека голем проблем е несоработката на МВР и центрите за социјална работа. Како позитивен пример се издвојуваат Штип и Македонски Брод, каде соработката е беспрекорна, а постапувањето е брзо и ажурно. Таа сподели впечаток дека единствено се признава Кривичниот законик, но дека кај полициските службеници нема познавања за обврските и одговорностите за да се спроведе Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

„Кога има висок степен на ризик за жртвата или кога се инволвирани малолетни деца, не може да се чека до крајниот рок затоа што е неопходна брзина во постапувањето. Имаме елан, носиме закони, а кога ќе дојде на ред имплементација, сѐ ни паѓа во вода’’, заклучи Гусар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...