fbpx

Уставниот суд пресуди: Работниците на патните Коридори 8 и 10 нема да работат 60 часа неделно

-

Градежните работници кои ќе бидат ангажирани при изградбата на автопатите долж Коридорите 8 и 10 нема да работат 60 часа неделно, односно за 20 часа подолго од вообичаеното неделно работно време во земјава. Уставниот суд на денешната седница го укина членот 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, информираат од Уставниот суд.

Спорниот член којшто е укинат од овој закон, меѓу другото, предвидуваше дека работното време на секој работник во текот на целиот циклус на проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината.

„Уставниот суд донесе одлука за укинување на оспорениот член бидејќи е во спротивност со темелната вредност владеење на правото предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како спротивен на членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Уставниот суд оцени дека со овој член се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека е во спротивност со членот 32 став 4 од Уставот“, се наведува во соопштението на Уставниот суд.

Претходно, Уставниот суд на седницата која се одржа на 29 март годинава одлучи да поведе постапка за оспорената одредба, поради сомнеж во уставноста и законитоста на членот 12 од Законот.

Подносители на иницијативата за укинување на членот 12 од Законот се Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) претставуван од претседателот Дарко Димовски, Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија (СГИПРМ) претставуван од претседателот Иван Пешевски и Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ од Штип, претставувано од Кристина Ампева.

Инаку, Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10д беше усвоен од пратениците во Собранието на РСМ во јули минатата година. Со овој закон на американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ без јавно наддавање ѝ се даваат на изградба автопатите Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан од патниот Коридор 8, како и автопатската делница Прилеп-Битола на Коридорот 10д.

Македонската влада кон крајот на март 2021 година го потпиша Меморандумот за разбирање и соработка со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за изработка на проектна документација и изградба на автопатите на Коридорите 8 и 10д.

Владата во моментов ја води постапката за изградба на трите автопатски делници на Коридорите 8 и 10, при што е формиран Комитет за преговори за склучување на договорот за градење со „Бехтел-Енка“. Воедно, во преговорите ќе се вклучат и правен консултант и надзорен орган. Сите тие заедно ќе треба да ја определат конечната цена за изведба на автопатските делници.

Американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ на земјава ѝ нуди изградба на автопатите по моделот „клуч на рака“, односно тие да го реализираат проектирањето и изведбата на автопатите Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан од Коридорот 8 и на автопатска делница Прилеп-Битола од Коридорот 10д. Владата пак ќе треба да пронајде финансиски средства за реализација на овој проект.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...