Втор циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ на Градската библиотека

Вториот циклус од кампањата почнува со романот „Естом“ (Или-Или, 2022) од Николина Андова Шопова како книга за месец септември, по што Градската библиотека во Скопје последователно ќе најави уште седум наслови и исто толку автор(к)и

-

Градската библиотека во Скопје го најавува вториот циклус од „Читаме современи македонски автори“ кој ќе се одвива низ неколку фази: книга на месецот, разговор со авторот и клубот на читатели. Низ овие активности читателите одблизу се запознаваат со современите македонски писатели и нивните дела, велат од Градската бибилиотека.

Вториот циклус од кампањата почнува со романот „Естом“ (Или-Или, 2022) од Николина Андова Шопова како книга за месец септември, по што Градската библиотека во Скопје последователно ќе најави уште седум наслови и исто толку автор(к)и.

Вториот циклус ќе трае до мај 2024 година.

Разговорот со Андова Шопова ќе се одржи на 5 септември во Паркот на поезијата (дворот на Градската библиотека), а на крајот на месецот предвиден е и Клубот на читатели за делото „Естом“.

„Првите осум месеци од ‘Читаме современи македонски автори’ поминаа одлично. Можеме да се пофалиме со полни сали, задоволни читатели, задоволни автори, па дури и листа на чекање за одредени книги во сите наши објекти. Кампањата влијаеше и на генералниот интерес за книгите од македонски писатели“, велат од библиотеката.

Првиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ се одвиваше во периодот од септември 2022 до мај 2023. Библиотеката пред своите читатели и пошироката публика претстави осум автори и исто толку дела: Жарко Кујунџиски со „Сфинга на гневот“, Билјана Црвенковска со „Девет приказни за госпоѓица Сит“, Игор Станојоски со „Диссомнии“, Ана Стојаноска со „Лебед“, Александар Русјаков со „Хотел меѓу две војни“, Јулијана Величкоска со „Годишни времиња“, Игор Анѓелков со „Двојна експозиција“ и Сања Михајловиќ Костадиновска со „(Бес)конечни модели на расказот“.

Не е точно дека Министерството за образование нуди бесплатни курсеви по англиски јазик за сите

Целта на вака креираната невистинита најава е да се генерира интернет сообраќај, односно да се убедат што поголем број корисници да пристапат до страниците коишто се рекламираат. Оваа објава...