Половина од шеесетмината вработени во прилепскиот загубар „Еурокомпозит“ вчера повторно се собраа пред фабриката да побараат одговор од директорот Милан Тоцев, зошто не биле дел од владините мерки за помош на граѓаните кои трпат големи штети во време на пандемија.

„Бараме оставка од директорот Тоцев. Тој денеска повторно изјави дека ќе прател писмо до Владата за да ни биде исплатена некаква помош. Фабриката не работи половина година. Струја нема, работа нема, ние сме пуштени на принуден одмор.  Никој не води грижа за нас. Останавме 60 вработени, од нив само 10 сме на возраст до 50 години“, вели првиот синдикалец Роберт Богданоски.

Работниците велат дека не можат ниту да се пријават во Агенцијата за вработување, бидејќи се водат како да се во работен однос, а од друга страна не добиваат ниту плата, ниту право на здравствена заштита.

Фабриката за наменско производство „Еурокомпозит“ од Прилеп има статус на загубар со години. Подолго време вработените се обидуваат преку протести да дојдат до плата. Сите власти досега им ветуваа трајни решенија, ама тоа не се случи. Најголемиот број од вработените се прогласени за технолошки вишок, кои уште ја чекаат ветената отпремнина по околу 1.000 евра. Нивните побарувања достигнуваат и до 5.000 евра.