Впечатоци од бетата на Diablo II Resurrected

Фото: Diablo 2, Blizzard

За сите љубители на Diablo 2 која ја имаат преиграно повеќе пати, Diablo II Resurrected е „шлагот на тортата”. Се работи за истата игра само со многу подобрена графика, што личи и изгледа како нов оригинал, а сепак го задржува шармот на Diablo игра.

Анимациите за приказната се обработени на ниво на стандардни анимации за сегашни нови игри што може да се забележи веднаш. Една од изненадувачките работи кога креирате лик е што повеќето ликови изгледаат погрди одошто беа претходно. Може да се играат Варваринот, Паладинот, Друидот, Волшебничката и Амазонката – бидејќи Асасинот и Некромансерот неможеа да се бираат на бетата. 

Околу баговите и несаканите работи, не функционира добро држењето на кликот: додека го држите кликот на непријател вашиот лик ќе удира но за разлика од Lord of Destruction patch 10 каде ако продолжите да го држите кликот и преминете на друг непријател тогаш продолжуваше да удира ликот, од непознати причини тоа не се случува во бетата на Diablo II Resurrected туку мора повторно да се кликне и да се држи ако се напаѓа друг непријател. Да се надеваме дека ќе го поправат тоа. Оваа верзија на Diablo II ја вклучува и експанзијата Lord of Destruction и можете да бирате дали ќе играте обичен лик или ќе го конвертирате во лик од експанзијата. Исто така, се креираат посебни ликови за мрежно играње преку интернет а можете да си креирате и офлајн ликови за single player. Вкупно во една група можат да се соберат 8 играчи и да играат сите заедно истовремено. Во бетата имаше баг што ако не ја креирате вие играта и се придружите на друга група често по 2-3 минути паѓа врската со Battle.net па мора пак да ја пуштите играта од почеток. 

Групите се листаат со наслови за целите на групата на пример пишува “Act I new start” или “need a boost to Act II” -именувањето на групите не работело на конзола иако Diablo II Resurrected е cross platform и ќе може да се игра и на конзоли и на компјутери истовремено. 

Друга работа што не е добро сработена се вратите во нивоата лавиринти во Act II кои едвај се распознаваат на мапата кога ќе стиснете Tab за мапа на нивото, додека во Act I се гледаат убаво. За среќа Town Portal-от е означен со жолт голем икс и може лесно да се види на мапата. 

Фото: Diablo 2, Blizzard

Оклопите и оружјата се преработени да изгледаат многу подобро, дури и површините се поисполирани што особено се забележува кај оклопот на паладинот. Рефлексијата на водата во стазите е супер сработена дури може да се примети и како се огледува ликот ако поминете покрај вода во стазите. Чудовиштата и сите непријатели се преработени да изгледаат подобро иако се работи за сосема истите чудовишта и непријатели. 

Има многу носталгија за минатото во оваа игра така што предизвика огромен интерес, пред сè заради можностa за повторно преигрување -replayability и replay value. Многу луѓе памeтат дека и да ја имаа поминато целата игра можеше да се смени тешкотија од Normal на Nightmare па потоа на Hell. Игра што ионака не застарува беше обновена и овој ремастер(не е римејк) се предвидува да биде многу успешен.