Возилата растечки предизвикувач на климатските промени, властите со мерки ќе мора да пресечат [инфографик]

Фото: Бојан Блажевски

Постојаното зголемување на бројот на возила на улиците, огромниот наплив на стари возила од странство, намалувањето на бројот на патници во јавниот превоз и на корисниците на велосипедот, како и неразвиената железница предизвикуваат Македонија да се соочува со проблеми со емисиите на стакленички гасови од транспортот. Наместо да се намалува испуштањето на штетните гасови кои се предизвикувач на климатските промени, во земјава во изминативе три децении расте уделот на транспортот во испуштањето на штетниот јаглерод диоксид, азотните оксиди и другите штетни материи во воздухот.

„Мета.мк“ веќе ги објави податоците за емисии на стакленички гасови во секторот – Енергетика, од кои се забележува дека транспортот драстично го зголемува својот процентуален удел во производството на штетните гасови мерени во јаглерод диоксид еквиваленти во периодот од 1990 до 2016 година. Во периодот пред распадот на Југославија, транспортот имал удел од 8,2 отсто, за во 2016 година неговиот процентуален удел да се зголеми на дури 28,1 отсто.

Не само што го загадуваат воздухот, туку штетните гасови негативно допринесуваат и за климатски промени; Фото: Бојан Блажевски

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета.мк“ велат дека растечките емисии на стакленички гасови од транспортот треба да нѐ загрижуваат. Причина за ова е финалната потрошувачка во транспортот, која е зголемена од 2005 до 2019 година за повеќе од двојно, како резултат на порастот на бројот на возила во земјава.

Со дозволениот увоз на половни возила, велат од Министерството, беше планирано од тогашните власти да се обнови возниот парк во земјава, но наместо намалување на просечната старост на возилата, на крајот добивме обратни бројки. Во 2005 година, староста на возилата изнесувала 15 години, за во 2019 година таа да се искачи на 19 години. Ниската цена на бензините во земјава е исто така причинител на зголемената потрошувачка во транспортот, при што употребата на дизел горивото во транспорт за само 15 години е фрапантно зголемено за три пати. 

Од централната власт упатуваат на шесте мерки за ублажување и нивниот поединечен ефект во категоријата Транспорт, кои се предвидени во Студијата за ублажување на климатските проемни во Третиот двогодишен извештај изработена од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Тие тврдат дека предложените мерки од МАНУ ќе продолжат да ги спроведуваат, со цел намалување на емисиите на стакленички гасови од транспортот.

Меѓу шесте мерки, прва е поголемата искористеност на железницата, втора е обновата на националниот возен парк на автомобили, а потоа следат: обнова на националниот возен парк на товарните возила и автобусите, унапредена мобилност (изградба на велосипедска инфраструктура, системи за изнајмување велосипеди и субвенции), изградба на железничката пруга кон Бугарија и електрификација на транспортот.

На хартија, во официјален документ, овие шест крупни мерки кои се распределени на десетици конкретни активности, што треба да се преземат во транспортот изгледаат идеално. Сепак, во реалноста бројот на превезени патници и товар со воз се намалува, бројот на регистрирани возила и увозот на половен возен парк расте, додека користењето на велосипедскиот превоз во моментов е оставено како избор на свеста на граѓаните и субвенциите за набавка на овие превозни средства кај дел од општините.

Земјава е крајната локација на која завршуваат половните возила од странство; Фото: Бојан Блажевски

Од Центарот за климатски промени за „Мета.мк“ посочуваат дека Македонија со севкупните емисии на стакленички гасови не влијае значајно на покачувањето на просечната температура на воздухот во светски рамки. Сепак, со ратификацијата на Парискиот договор за климатски промени, земјава си има преземено обврски кои треба да ги исполни. Дополнително, транспортот е еден од главните загадувачи на воздухот во градовите, а е предизвикувач и на низа други проблеми во поголемите градски средини.

„Доколку стратешките документи останат само на хартија а законите се носат со намера да се купува социјалниот мир, трендот на зголемување на емисиите од овој сектор ќе се задржи, со оглед на зголемената мобилност на граѓаните и бизнисите од една страна, а од друга страна статус-квото во однос на староста на возниот парк и отсуството на мерки за стимулирање на неговата обнова“, велат од Центарот за климатски промени.

Според нив, токму јавниот сектор мора да покаже пример за граѓаните. Многу јавни институции и општини во изминатиов период купија нови автомобили, но ниту една од нив не се пофали дека се погрижила возилото да има ниска потрошувачка на гориво и ниска емисија на јаглерод диоксид, со исклучок на хибридните возила набавени од Град Скопје. Воедно, додаваат од Центарот за климатски промени, ваквите барања не се вметнати како критериуми и при самата јавна набавка на возила.

Тие ја додаваат и идејата дека јавните и локалните власти треба да работат на стимулација на вработените за користење велосипед, па дури и награди или финансиски стимулации за оној дел од администрацијата кој ќе доаѓа на работа со велосипед или тротинет. Исто така, институциите треба да работат на свеста кај вработените за што помала употреба на возила, вклучително и на службените автомобили.

Покрај тоа што властите треба да поаѓаат од самите нив како успешен пример за останатите граѓани, од Центарот за климатски промени сметаат дека треба да се работи на подигнување на квалитетот на јавниот транспорт во целата земја, како и на изведба на инфраструктура за електрични возила. Тие ја поздравуваат намерата на Владата на РСМ за годинава да се ограничи увозот на автомобили на минимум ЕУРО 5 стандард.

Мерките кои ги предлагаат од Центарот за климатски промени одат и во насока на воведување поволности преку надомест за исфрлање од сообраќај на старо возило со одредена доплата на граѓанинот за нов автомобил од истиот бренд, финансиски стимулации за набавка на нови ефикасни возила за граѓаните, воведување на зони во поголемите градови каде особено во зима не би смеело да се движат возила со под ЕУРО 4 стандард, како и воведување на комбинираниот транспорт и интелигентните транспортни системи во земјава.

На прашањата кои ги испративме до Владата на РСМ, од извршната власт добивме одговор дека се свесни за зголемените емисии на стакленички гасови од транспортот, но и за уделот што тој го има во загадувањето на воздухот. Сепак, тие велат дека за да постојат стимулативни мерки мора да се обезбедат финансиски средства, а еден од начините е најавената еколошка такса. Приходите од еколошката такса за нафтените деривати ќе се враќаат назад кон граѓаните во форма на еколошки проекти, меѓу кои е и програмата за субвенционирање на набавката на нови возила од граѓаните.

„Овој данок веќе се применува во европските земји, и овде се правени истражувања повеќе од 3 години, што покажува дека сериозно пристапуваме кон заштитата на животната средина“, велат за „Мета.мк“ од Владата на РСМ.

Од централната власт дополнуваат дека се разгледува и можноста за државата или општините да им дадат одредени поволности на граѓаните кои користат транспорт кој не загадува, при што се разгледува механизмот како да се реализира ова.

Инаку, Владата на РСМ со Законот за данок на возила веќе одреди електричните возила целосно да ги ослободи од данокот при нивен увоз, а plug-in хибридните возила да плаќаат 50 отсто помал данок. Исто така, тие велат дека ќе работат на спроведување на шесте мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови предложени од МАНУ.

„Се подготвува закон за задолжително воведување на биогорива, што ќе придонесе за намалување на емисиите на стакленички гасови. Нацрт верзијата е изработена, направени се голем број на консултации со голем број на чинители“, информираат од Владата на РСМ.

Во меѓувреме, увозот на половни возила од странство периодов не само што не се намалува, туку во првото полугодие од 2021 година е забележано повеќе од двојно зголемување на бројот на внесени стари возила во Македонија во споредба со лани. Според податоците на Царинската управа, импортерите на стари возила успеале да внесат 20.505 половни возила во периодот јануари-јуни 2021 година, додека како нови неупотребувани возила се увезени речиси тројно помалку – 3.410.

Идентично како и во нашата земја, во земјите-членки на ЕУ емисиите на стакленички гасови од транспортот се причина за загриженост во делот на справување со климатските промени. Податоците на Евростат покажуваат дека во 2017 година во ЕУ патниот сообраќај бил одговорен за речиси 72 отсто од вкупните емисии на стакленички гасови од транспортот. Притоа, испуштањето на штетните материи во атмосферата на ниво на ЕУ се зголемило за 2,2 отсто во 2017 година во однос на претходната година.

Статистичките податоци покажуваат дека главен удел во емисиите на стакленички гасови во транспортот во ЕУ имаат токму автомобилите. Имено, во 2018 година овие патнички возила учествувале во дури 60,4 отсто од вкупното количество на испуштен јаглерод диоксид од транспортот, по што следуваат камионите и автобусите со 26,4 отсто, лесните товарни возила со 11,9 отсто и мотоциклите со 1,2 отсто од вкупното количество на испуштен јаглерод диоксид во атмосферата.

За разлика од нашата земја, ЕУ планира строги мерки кои ќе треба да ги спроведат сите земји-членки, без разлика на степенот на нивен развој, во натамошниот период. Европската комисија веќе го усвои пакетот на закони со кои од 2035 година ќе се забрани во целата Унија продажба на нови возила кои ги користат бензините и дизел горивата, односно новите возила од 2035 година што ќе се продаваат на европскиот пазар ќе мора да бидат со нулта емисија на стакленички гасови.

Досегашното европско искуство покажува дека комбинацијата на рестриктивни и стимулативни мерки кои ќе важат за сите граѓани е вистинскиот модел што треба нашата земја да го преземе од ЕУ.

Дополнително, подигањето на свеста кај македонските граѓани е клучниот потег на којшто треба да се поработи. Негативните ефекти од растечките емисии на стакленички гасови ги чувствуваме сите ние преку зголемените температури на воздухот, сушните периоди, растечкиот број на временски непогоди со сите човечки жртви и финансиски штети што ги носат со себе. Се чини дека освен невладиниот сектор во земјава, за подигање на свеста за климатските промени ќе треба многу повеќе да се активираат државните и општинските власти.

Автор: Бојан Блажевски