Фото: Арбнора Мемети

Македонија за само 15 години успеала за повеќе од три пати да ја зголеми потрошувачката на дизел горивото во патниот сообраќај, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Автомобилите, камионите, автобусите и другите моторни возила во земјава се насочиле кон употребата на дизелот, иако развиените европски земји веќе определуваат конкретни датуми за забрана на продажбата на нови возила на фосилни горива. Притоа, во фокусот на дебатата е исфрлањето од употребата на возилата кои го користат дизел горивото, кое се смета за најголем загадувач на воздухот.

Македонскиот патен транспорт во 2005 година користел 182.075 тони дизел, додека возилата што го користеле моторниот бензин потрошиле 116.527 тони. Низ годините, стапката на потрошувачка на дизел горивото во транспортот драстично расте, заедно со зголемувањето на стапката на моторизација на населението во земјава, особено со порастот на увозот на половните моторни возила од странство по 2009 година.

Како резултат на ова, во 2019 година потрошувачката на дизел горивото во патниот сообраќај се зголемила на рекордни 569.143 тони, додека моторниот бензин опаднал на 102.966 тони наточени во возилата за период од 12 месеци. Течниот нафтен гас (ТНГ) бележи постепен раст на потрошувачката низ годините, но и во овој случај, неговата употреба во 2019 година изнесувала само 54.874 тони.

Статистичките податоци покажуваат дека токму патниот сообраќај во земјава е главен потрошувач на нафтените деривати, бидејќи железничкиот сообраќај низ годините успеал да ја намали потрошувачката на дизел гориво на скромни 2.562 тони во 2019 година. Воздухопловниот превоз, исто како и патниот сообраќај, успеал да ја зголеми потрошувачката на керозин на 26.965 тони во 2019 година или за над четири пати повеќе во однос на 2005 година.

Инаку, „Мета.мк“ веќе подолг период пишува за проблемите што ги предизвикува транспортот врз загадувањето на воздухот во земјава. Особен проблем се половните возила, особено дизелашите, увезени од странство, каде рестрикциите за нивна употреба од година во година се заоструваат.

Па така, британскиот премиер Борис Џонсон веќе најави дека од 2030 година ќе стапи на сила забраната за продажба на нови возила кои користат само фосилни горива. Европската Унија си постави за цел да се зголеми бројот на електрични возила во земјите-членки на 30 милиони до 2030 година.

Во однос на загадувањето на воздухот во Скопје, Центарот за климатски промени лани направи истражување за влијанието на сообраќајот врз аерозагадувањето во главниот град, кое покажа дека помалку азотен двооксид (NO2) и ПМ-2.5 честички сме дишеле во Скопје во периодот на карантин од 18 март до 26 мај 2020 година, во споредба со истиот период од 2019 година. Повеќе за истражувањето овде.