Во земјава студираат 53.821 студент, за 4,2 отсто повеќе од лани [инфографик]

Најголем дел од студентите – 77,7 отсто – се запишале на државните високообразовни установи, додека 22,3 отсто се запишале на приватен факултет

Фото: Првиот академски час на студентите на ФИНКИ во октомври 2022 година во зградата на Филхармонија | Фото: Мета.мк

Вкупно 53.821 студент биле запишани во академската 2022/2023 година на високообразовните установи во Северна Македонија, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Согласно извештаите, бројот на студенти во оваа академска година е поголем за 4,2 отсто во однос на запишаните студенти во претходната.

Како што информираа од ДЗС, бројот на запишани студентки изнесува 30.969 или 57,7 отсто од вкупниот број студенти.

Најголем дел од студентите – 77,7 отсто – се запишале на државните високообразовни установи, додека 22,3 отсто се запишале на приватен факултет.

Во прва година на студии оваа академска година се запишале 15.097 студенти, а во оваа бројка се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет или повеќе пати.

И годинава најбројна високообразовна установа е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

Најмногу студенти студираат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Таму годинава студирале вкупно 21.448 студенти, но оваа бројка е за над 700 помала од бројот на студенти на УКИМ во академската 2021/2022 година, кога на најголемиот државен универзитет студирале 22.189 студенти.

Втор „најпопуларен“ универзитет е Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) кој годинава броел 7.918 студенти, а по него следува Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип со 6.715 студенти.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола изминатава академска година имало 3.446 студенти, додека на Универзитетот „Мајка Тереза“ (УНТ) студирале 1.484 студенти.

Инфографик: Мета.мк

Од државните високообразовни установи, најмалку студенти изминатава академска година имало на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде се запишале вкупно 268 студенти.

Меѓу приватните високообразовни установи пак, најпопуларен е Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, каде се запишале 3.954 студенти, по што следува Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово со 2.088 студенти.

На Меѓународниот балкански универзитет, бројот на студенти се зголемил за дури 78,8 отсто во однос на минатата година, кога според Државниот завод за статистика имало 2.211 студенти.

Инфографик: Мета.мк

Меѓу факултетите, и годинава најброен е ФИНКИ каде студираат 4.468 студенти. Втор по бројност е Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово со 3.309 студенти, а блиску до оваа бројка студенти имале и Медицинскиот факултет при УГД – 3.149 студенти, како и Медицинскиот факултет при УКИМ – 2.898.

Инфографик: Мета.мк