Во Скопје викендов се одржа првиот самит за вештачка интелигенција [галерија]

Меѓу останатите, на „AI Tech Summit“ говореше Рони Фелинг од BSG X, кој даде краток преглед на развојот на вештачката интелигенција

Извор на фотографија: „AI Tech Summit“

Првиот меѓународен високо-технолошки самит за вештачка интелигенција „AI Tech Summit“ викендов се одржа во Скопје. Темата на самитот беше истражувањето на моќта на вештачката интелигенција и новите технологии. На самитот излагање имаа некои од водечките експерти за вештачка интелигенција од компании како Microsoft, Google, BBC, Boston Consulting Group, Wipro, Universal Robots.

Меѓу останатите, на „AI Tech Summit“ говореше Рони Фелинг од BSG X, кој даде краток преглед на развојот на вештачката интелигенција. На првиот ден од конференцијата говореа и Мартин Хрчек од Водафон, Стив Стерјо од Гугл, Данијела Хорак од Би-би-си, Сузан Нордингер од Јуниверсал Роботс и Игор Шево од ХТек.

На првиот ден од конференцијата се организираа и две панел дискусии, на кои се расправаше за влијанието на вештачката интелигенција врз еволуцијата на работните профили на сите нивоа, како и за тоа колку претставувањето на вештачката интелигенција има влијание на работната сила и колку од работните места и позиции може да бидат загрозени, како и начините на кои може да се надмине овој проблем.

Првиот самит за вештачка интелигенција „AI Tech Summit“ во Скопје се организираше од страна на TBC group, а настанот покрај заинтересирани учесници од земјава, го посетија и луѓе од регионот.