fbpx

Во С. Македонија нема сексуално образование за деца од 0 до 4 години

-

Кај нас не постои сеопфатно сексуално образование од 0-4 години и оттука било какво тврдење поврзано со работата на нашата организација во овој контекст е беспредметно и неиздржано. Се работи за класична манипулација и извртување на фактите. Исто така, во нашата земја не постои ниту неформална програма за сексуално образование за деца на оваа возраст до 4 години, што докажува дека се манипулира со дадената тема. Остануваме да ставот дека сексуално образование треба да се учи од најрана возраст, кое треба да биде базирано на факти и наука и најважно треба да е прилагодено на возраста и потребите на децата, велат од ХЕРА за Вистиномер, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека невладината ХЕРА застапува став дека децата до 4 години веќе треба да знаат да мастурбираат и дека на тој начин се спроведува сеопфатното сексуално образование во практика. Во сoстав на постот објавен е линк до текст во којшто пак се вели дека „многупати досега Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА се има повикано на стандардите за сеопфатно сексуално образование на СЗО, што наводно значи сексуално образование кое почнува од самото раѓање и дека ХЕРА верува дека децата се сексуални битија, дека сакаат да мастурбираат и се заинтересирани за сексуални активности од најмали нозе, од бебиња, до деца на 4 годишна возраст“.

Потоа, во текстот се вели дека ХЕРА посочиле дека треба да се воведе задолжително сексуално образование уште од градинка, со фокус на стандардите на СЗО. Понатаму, се посочува дека ХЕРА се согласува со стандардите на СЗО за сексуално образование, коишто, пак, наводно значат дека децата треба да бидат запознаени со сексуалноста уште од раѓањето и до 4 години дека треба да знаат да мастурбираат. Во текстот се споделуваат документи на хрватски и на албански јазик од наводни стандарди на СЗО. Еден од тие документи, кој е на српски јазик, Вистиномер го пронајде на интернет и истиот датира од 2010 година.

Во овој документ воопшто не се споменува ХЕРА, ниту пак на било каков начин тој документ е поврзан со сеопфатното сексуално образование, кое како пилот програма стартуваше во Северна Македонија. Насловот на текстот е фактички неточен и изваден од контекст, а од ХЕРА велат дека има за цел да предизвика морална паника и вознемирување кај родителите.

Фактичката состојба во земјата е дека сеопфатното сексуално образование (ССО) беше пилотирано во 2021 година од страна на Бирото за развој на образование, а ХЕРА понуди техничка поддршка на институциите. ССО беше пилотирано во деветто одделение односно пилот програмата е наменета за деца на возраст од 13-15 години. Не е точно дека ХЕРА застапува став децата до 4 години треба да знаат да мастурбираат.

Програмската директорка на ХЕРА, Елизабета Божиноска, за Вистиномер вели дека програмата за ССО како изборен предмет во деветто одделение е подготвена од стручни лица според најновото меѓународно техничко упатство на УНЕСКО од 2018 година.

Клучните теми и целите на учење на најновото упатство на УНЕСКО за сексуалното образование (2018, страна 65) препорачуваат дека е соодветно да се дискутира за сексуалната и репродуктивната анатомија и физиологија, како и имињата и функциите на репродуктивни органи на човекот пред да се наполни 16 година. Истите упатства на УНЕСКО укажуваат дека за телото и мастурбацијата треба да се дискутира под темата – сексуално однесување. Многу девојчиња и момчиња почнуваат да мастурбираат за време на пубертет или понекогаш порано, и тоа не е срамно. За време на пубертетот тие стануваат посвесни за нивната сексуална привлечност и стимулација. Предложената возраст кога оваа тема треба да се опфати е од 9 до 12 години (страна 71). Кај нас не постои сеопфатно сексуално образование од 0-4 години, и оттука било какво тврдење поврзано со работата на нашата организација во овој контекст е беспредметно и неиздржано. Се работи за класична манипулација и извртување на фактите. Исто така, во нашата земја не постои ниту неформална програма за сексуално образование за деца на оваа возраст до 4 години, што докажува дека се манипулира со дадената тема. Доколку беше поинаку ќе беше цитирана програма или национален документ или публикација. Остануваме да ставот дека сексуално образование треба да се учи од најрана возраст, кое треба да биде базирано на факти и наука и најважно треба да е прилагодено на возраста и потребите на децата, велат од ХЕРА за Вистиномер.

Оттаму додаваат дека материјалите кои се користат во текстот, се од други земји, на други јазици.

 За потсетување се сеќавате на фотографиите дека сексуалното образование ќе се пилотира во второ одделение (фотографија позајмена од учебници од други земји), со кои се ширеше масовна хистерија мината година и со кои нè убедуваа дека токму тоа ќе се учи кај нас. Не случајно во 2022 од „Нас за нас” имаат веќе судска пресуда за сторена клевета донесена кон нашата организација, а поврзана со невистините што ги ширеа токму за ССО, а исто така претставничката на граѓанската организација Либрис која е силен противник на ССО има пресуда од Комисијата за заштита од дискриминација за сторена дискриминација. Ова се гласноговорниците кои треба да им мислат добро и да ги заштитат наште деца, со ширење на клевети, навреди, говор на омраза и нетолеранција кон најмаргинализираните заедници? Притоа информираме дека ќе ги преземеме сите правни мерки за разрешување и на овој случај на клевета против нашата организација, додаваат од ХЕРА во писмената изјава за Вистиномер.

Работна група на Бирото за развој на образованието во февруари 2018 година беше формирана за да подготви наставен модел за пилот ССО. Одлуката за пилотирање на ССО беше донесена на 162 седница на Владата во ноември 2019 година. Во јануари 2020 година беше подготвена наставна програма од Бирото за развој на образованието (БРО) и ХЕРА во согласност со стандардите на УНЕСКО. Во декември 2020 година беа обучени наставници од пилот училиштата за спроведување на ССО, а во март 2021 година беа подготвени прирачници за наставници за спроведување на програмата.

Темите на кои ќе зборуваат учениците на овие часови се однесуваат на промените кои се случуваат во пубертетот, симптоми на ХИВ и сексуално преносливи инфекции и заштита, каде да се обратат за помош при здравствени проблеми или насилство, зошто е потребна еднаквост меѓу мажите и жените, како да го прифатат своето тело и изглед, како да препознаат насилство и да се заштитат, да се заштитат и побараат помош од сексуално насилство, како да градат здрави партнерски врски, да ги почитуваат луѓето без да дискриминираат и да се изборат и самите да бидат почитувани.

Сексуално образование има во Холандија, Шведска, Финска, Швајцарија, Норвешка, Австрија, Естонија, Португалија, Белгија, Ирска, Германија и Велика Британија. Во Албанија ССО е воведено уште од 2012 година во основните и средните училишта. Во Босна и Херцеговина ССО програмата во некои кантони повеќе години се реализира како изборна.

Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Во Северна Македонија не постои сексуално образование за возраст на деца од 0 до 4 години, па оттаму самото тврдење дека ова е поврзано со работата и ставовите на ХЕРА е неиздржано. Предложената возраст кога оваа тема треба да се опфати според прирачникот на УНЕСКО е од 9 до 12 години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...