Во петок јавна расправа во Собранието за новиот концепт за основно образование

Извор на фотографија: Собрание на РСМ

Јавната расправа за новиот концепт за основно образование, која ја организира Собранието е закажана за во петок каде ќе се сублимираат сите мислења, а веќе потоа влегуваме во фазата на усвојување и подготовка на наставните програми коишто се клучни, рече денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска.

„Пред пратениците ќе имаме можност да ја презентираме концепцијата, гостите ќе имаат можност да ги кажат своите спротивставени или заеднички ставови. Ќе видиме како ќе се одвива дебатата и тогаш ќе излеземе во јавност со тоа што конечно е прифатливо, а што не е од забелешките. Мислам дека заеднички ќе донесеме став за ова прашање“ рече министерката.

Во однос на забелешките, таа потенцираше дека на официјалниот мејл на министерството пристигнале 30 забелешки, а во меѓувреме пристигнале и други кои биле разгледани иако бил завршен рокот за достава, имајќи предвид дека сè уште трае дебатата со сите засегнати страни и институции.