Оваа пролет се најавува првата премиерна сезона на новото модно случување на македонската уметничка сцена, Скопски моден фестивал (Skopje Fashion Festival).
Почетокот на новиот моден фестивал ќе биде во март, при што целата фестивалска агенда ќе се одвива во истиот месец под слоганот „The Future was Present“. Активностите ќе содржат модни ревии и перформанси, ексклузивен продажен шоурум, дигитални проекции и изложби, богата музичка програма и гала вечер со црвен килим за свеченото отварање.
„Наспроти класичните недели и викенди, фестивалските активности ќе се одвиваат во текот на еден цел месец, паралелно со случувањата во познатите светски центри“, нагласуваат организаторите.
Како што се најавува, учество ќе земат сите еминентни дејци од креативната индустрија и новите млади таленти кои ќе ја имаат можноста да ги промовираат своите дела пред публика од љубители на дизајнот, културата и уметноста.
Како промотивен дел за фестивалскиот настан направено е модно видео и едиторијал со југоносталгичен дух и футуристички мотиви каде се застапени креации и дизајни од последните колекции на Евгенија Зафировска, Стефанија Насеска, KTN, Мирјана Јосифоска и La Dama. Заштитни лица се трите сестри Ангелина, Ива и Сандра Китановски, на кои им се доверени главните улоги во најавното видео за фестивалот, снимено под режисерска палка на Филип Пашоски. Наменски за пригодата се искомбинирани облека и додатоци на дел од најдобрите етаблирани и перспективни македонски дизајнери и брендови денес.
Извршен продуцент и уметнички директор на манифестацијата е Милан Атанасов кој за претстојното модно шоу вели дека домашните и странски дизајнери покажале голем интерес за учество што ќе направи да имаме дополнително убава модна пролет.
„Минатото и иднината се две сеприсутни димензии во светот на модата. Во најавното видео за првата сезона, тие се испреплетуваат низ визуелната игра со контрасти и проекции, но и безвременските парчиња кои совршено се вклопуваат во тематската приказна“, истакнува Атанасов.
Во текот на наредните денови ќе биде потврден точниот датум, локацијата и сите имиња кои ќе се запишат како учесници во првата сезона на Скопскиот моден фестивал.