Доктори и медицински персонал на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби | Фото: Арбнора Мемети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 589 и има околу 500 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство, според податоците добиени во последните 24 часа, при што нагласуваат дека бројките се менуваат од час во час, според приеми и исписи на пациенти.

Во ковид центрите низ земјава се хоспитализирани 334 пациенти, а во ковид центрите во Скопје има вкупно 255 пациенти. Во последното деноноќие во главниот град се примени на лекување 29 нови болни поради компликации од корона вирусот, од кои само на интерните клиники имало 12 приеми. Во ГОБ „8 Септември“ се примени 8 нови пациенти, а на Инфективната клиника 9. Во последните 24 часа дома се пуштени 14 оздравени.

Во моментов на Кожната клиника се лекуваат 21 пациент, на Клиниката за неврологија 25, а на Институтот за ТБЦ 26 пациенти со симптоми. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 75 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 87 лица, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле, се хоспитализирани 21 пациент.

„Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка, бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 86 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“, информираат од Министерството за здравство.