Фото: Арбнора Мемети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 611 и има околу 530 празни болнички кревети во ковид центрите. Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 359 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, информираат од Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 43 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 252 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 22 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 12 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 9 во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 24 оздравени пациенти.

Ковид центрите на Клиниката за нефрологија и на Клиниката за Гастроентерохепатологија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје се затворени од денеска.

Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 112 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.