Во „Дрисла“ не се селектира и рециклира отпад, иако Скопскиот регион создава најмногу ѓубре

Депонија „Дрисла“; Фото: Архива на Мета.мк

Скопската депонија „Дрисла“ е најголема локација каде што се одлага отпадот на национално ниво, но која што до денешен ден не поседува секундарен центар за селекција на отпад и постројки за рециклирање на отпадот. Пред три недели беше пуштен во употреба модерен стерилизатор за третман на медицинскиот отпад (автоклав), но другите видови на отпад се носат директно на одлагање на депонијата, без претходно да минат низ процес на селекција и третман на отпадот.

Градот Скопје има основано две јавни претпријатија коишто се задолжени за управување со отпадот во главниот град, но селекцијата на отпадот од нивна страна е сведена на минимално ниво. ЈП „Дрисла“ во моментов не поседува постројка за секундарна селекција на отпадот којшто се носи со камиони до депонијата, додека ЈП „Комунална хигиена“ лани успеала да селектира и балира само 538,8 тони отпад од вкупно собраните 166.678 тони комунален отпад. Ова е само 0,32 отсто од вкупно собраниот отпад по контејнерите во главниот град лани.

Податоците на Државниот завод за статистика потврдуваат дека во Скопскиот регион се создава, но и се собира најголемо количество на отпад на национално ниво (170.660 тони во 2020 година) и притоа целокупното ѓубре собрано од овој регион завршува на регионалната депонија „Дрисла“. Сепак, капацитетите за одлагање на отпад на стандардната депонија изградена во 1994 година се со проектиран капацитет да примат 26.000.000 метри кубни комунален отпад, односно не може да се одлага ѓубре во неограничени количини.

Мета.мк испрати прашања до Градот Скопје и до ЈП „Дрисла“ за тоа на кои проекти во моментов работат градските власти за да се модернизира работењето на скопската депонија. Прашавме и кога би можело да се очекуваат инвестиции во постројки за секундарна селекција на отпадот во „Дрисла“ и за рециклирање на дел од отпадот што се носи на оваа локација.

И по повеќе од 10 дена од испратените прашања во два наврати преку електронска пошта до јавното претпријатие „Дрисла“ и до градските власти, „Мета.мк“ не доби одговори. Прашавме и за тоа дали планираат да вршат компостирање на биолошкиот отпад што пристигнува на скопската депонија, но не добивме одговор ниту на ова прашање.

Инаку, токму скопската градоначалничка Данела Арсовска, на пуштањето во употреба на автоклавот пред три недели изјави дека градските власти ќе се потрудат целосно да ги модернизираат сите процеси во рамки на ЈП „Дрисла“, но не прецизираше во какви конкретни проекти ќе се инвестира во наредниот период. Според последните достапни податоци од Програмата за работа и развој на ЈП Дрисла за 2021 година, заклучно со крајот на 2020 година оваа скопска депонија е исполнета со над 55 отсто од вкупниот капацитет за депонира на отпадот.

Покрај во делот на комуналниот отпад за којшто постојат податоци дека во над 99 отсто од собраното ѓубре во Скопје завршува како измешан отпад на самата депонија, Државниот инспекторат за животна средина во октомври минатата година реагираше со издавање на забрана на депонијата „Дрисла“ да врши прием и третман на 26 видови на опасен отпад, а поради непоседување на инсталација за третман или преработка на посочениот отпад. Тогаш од ова јавно претпријатие побараа да испратат барање за измени на А-интегрираната дозвола што ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, а која што во моментов ја поседува депонијата „Дрисла“.

За разлика од скопската депонија, податоците на „Евростат“ покажувааат дека со години наназад во земјите-членки на ЕУ се намалување количеството на отпад што завршува на депониите, бидејќи се зголемува процентот на селектиран и третиран отпад. Според „Евростат“, во 1995 година 121 милиони тони комунален отпад завршиле на локациите за одлагање на отпад, додека ова количество во 2019 година се намалило на 54 милиони тони комунален отпад.

Мета.мк веќе пишуваше дека наспроти ова, инсинерацијата или контролираното согорување на отпадот во ЕУ била зголемена од 30 милиони тони годишно во 1995 година на 60 милиони тони комунален отпад во 2019 година. Рециклирањето на отпадот за период од 24 години пораснало од 23 на 68 милиони тони комунален отпад на ниво на ЕУ. Исто така, компостирањето на отпадот доживеало раст од 14 милиони тони во 1995 година на дури 39 милиони тони отпад во 2019 година.