„Дрисла“ не смее да депонира опасен отпад и мора да ја смени интегрираната дозвола

Депонија „Дрисла“ | Фото: Архива на Мета.мк

Депонијата „Дрисла“ не смее да прими и третира 26 видови на опасен отпад, бидејќи нема соодветна инсталација за тоа. Ова е едно од повеќето решенија на Државниот инспекторат за животна средина, за кои денеска информираше в.д. директорот Сретен Стојковски. „Дрисла“ ќе мора да побара и измена на А-интегрираната дозвола која ја обнови во февруари годинава, според која има дозвола за склучување договори за третман на овој отпад.

Како што информираше Стојковски, инспекторите изрекле решение за забрана „Дрисла“ да врши прием и третман на 26 шифри, односно видови на опасен отпад, меѓу кои отпад од пестициди, киселини, опасен отпад што содржи жива, поради непоседување на инсталација за третман или преработка на посочениот отпад. Депонијата не е парично казнета и има рок од 90 дена да ја усогласи дозволата за работа со ова решение.

„Мета.мк“ веќе пишуваше за случајот со опасниот отпад на „Дрисла“. Директорот на депонијата Коста Начевски тогаш информираше дека имаат инсталација за третман на овој тип отпад, но не е функционална. Набавена била без поголем дел од хардверот, за кој продавачот побарал 1,5 милиони евра.

Стојковски вели дека инспекторите од депонијата побарале да постапи согласно член 116 од Законот за животна средина и да поднесе барање до Управата за животна средина за измена на интегрираната еколошка дозвола и да ги раскине сите склучени договори за прием и третман на тие видови на опасен отпад.

„Со решение забранивме „Дрисла“ да прима таков отпад и дадовме рок да достават барање до МЖСПП. Исто така, и Министерството е известено со информација за нашето решение. Бидејќи „Дрисла“ нема инсталација за третман не ми е јасно како и зошто е издадена дозволата и зошто е направен инспекциски увид и е констатирано дека нема забелешки во однос на инсталацијата“, нагласи Стојковски.

Вели дека од Министерството побарале да се направи генерална еколошка ревизија со којашто ќе се направи увид во комплетната состојба со „Дрисла“, бидејќи при преносот на сопственоста од јавно-приватното партнерство назад во Градот Скопје не била направена. „Дрисла“ може да собира комунален и медицински отпад и има можност за собирање на градежен шут загаден со азбест.

Според Стојковски, изминативе два месеци, откако е на функцијата, се направени вкупно 327 надзори, од кои 164 редовни, 73 контролни и 90 вонредни надзори. При тоа се издадени 42 решенија и се изречени четири прекршочни санкции и три платни налози.

„Изречени се две казни за ЈП „Охридски комуналец“ за запалена нестандардна депонија и една за непријавен еколошки инцидент во рудникот „Булмак“ во Пробиштип“, посочи Стојковски.