И денешното осумнаесетто продолжение на конститутивната седница на Собранието не успеа да се помести од мртва точка. Наместо да се дебатира за избор на членови на Комисијата за избори и за именувања, се разговараше за таканаречената „тиранска платформа“, за која пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно бараа одговори од СДСМ.

Пратеникот Илија Димовски од говорницата порача дека дебатата е еден од двата клучни принципа на демократијата, но дека СДСМ одбива да дебатира.

– Демократијата подразбира два принципи, а изборот на Комисијата за избори и за именувања и сите други процеси се поврзани со тие два принципи, а тоа се почитување на резултатот и дебата. Требаше СДСМ да излезе и да честита дека ВМРО-ДПМНЕ е победник на овие избори. Освен тоа, сè додека не почна работата со Собранието, полна им беше устата дека треба да се дебатира. Што гледаме последните денови? Дека се молчи. Не добиваме одговор на прашањата што се поставуваат тука. Ова не е ништо друго освен непочитување на основните принципи на демократијата – рече Димовски.

Пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими, ги повика пратениците да се придржуваат до точките кои се наоѓаат на дневниот ред и да не ја злоупотребуваат говорницата за одвлекување на вниманието и за напаѓање на соседни земји за мешање во внатрешните работи.

– Гледам дека оваа говорница се злоупотребува од некои колеги. Би побарал од вас да ја почитувате Албанија како соседна држава која е пријателска држава, која има придонесено за мирот и за демократизацијата на Македонија. Затоа да се вратиме на реалните проблеми што ги имаме во државата. Тука се зборува за сè што ќе им текне, за нешто што не е на дневен ред. Има нефункционални општини, нефункционално собрание и техничка влада и не сакам да поверувам дека еден ден ќе има техничка држава. Исто така, треба да ги слушаме и советите на меѓународниот фактор или ќе бараме нивна помош само кога ни е празна касата? – рече Алими.

Максим Димитриевски од СДСМ го обвини претседавачот со конститутивната седницата, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, за кршење на деловникот и порача дека е време граѓаните да си ја земат државата во сопствени раце.

– Нека се појави тука Никола Груевски, да нè погледне в очи и да каже кој ја измисли платформата која веќе со недели ги одржува на власт на кристални нозе – рече Димитриевски, додавајќи дека дебата што се води во Собранието е бесполезна.

Вељаноски реплицираше дека тој не ги крши точките од деловникот и дека ниту се пријавил за збор.

– За ефикасноста на дебатата не може да одлучи еден пратеник за останатите, најдобро може да оцени јавноста и тоа на избори – рече Вељаноски.

На тоа се надоврза и Илија Димовски, кој истакна дека обидите да се прекине дебатата се само доказ дека на СДСМ само им е важно да дојдат на власт.

– Се сложувам со пратеникот Димитриев, народот треба да ја земе државата во сопствени раце, на нови избори – рече Димовски.

Претседавачот со конститутивната седница, поранешниот спикер Трајко Вељаноски, и денеска во 18 часот ја прекина седницата и го закажа нејзиното продолжение за утре во 11 часот.