Владата побара да се исчисти ѓубрето во Маврово, нема да има отстрел на мечки

Препораките стигнуваат откако до јавноста стигнаа апели од жителите на овој крај да се реши за проблемот со зголеменото појавување на мечки во селата

Фото: Image by Robert Balog from Pixabay

Владата на денешната седница ги задолжи Општината Маврово и Ростуше и Јавната установа Национален парк Маврово да ги отстранат сите помали и поголеми ѓубришта во близина или во населените места, коишто претставуваат извор на привлекување на мечката. Препораките стигнуваат откако до јавноста стигнаа апели од жителите на овој крај да се реши за проблемот со зголеменото појавување на мечки во селата.

Владата денеска ги усвои превентивните мерки коишто претходно ги препорачаа министерствата за животна средина и просторно планирање и за земјоделство, шумарство и водостопанство и им наложи на локалната самоуправа и Националниот парк, согласно нивните надлежности, да обезбедат навремено чистење на дивите депонии од сите населени места, како и од локалните патишта.

За да се надмине проблемот и да се зголеми безбедноста на жителите на овие села, како превентивна мерка е препорачано и да се контролираат објектите во коишто се чува храна, добиток или пчели и да се оградат со ограда под електричен напон, местата за одлагање на комунален отпад да бидат затворени со метална ограда, а граѓаните да се служат и со средства за заплашување и одвраќање на мечките.

Предложено е и да се обезбедат хранилишта за мечки надвор од населените места, а во соработка со државни органи и научни институции да може да се врши и успивање и дислоцирање мечки.

„Неопходните превентивните мерки, како што е соопштено од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање се предложени и преземени, во координација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед дека кафеавата мечка (Ursus arctos), согласно Законот за ловство, е вид за којшто е пропишана трајна забрана за ловење. Активностите се преземени по известувањето од Јавната установа Национален парк Маврово, за зачестено присуство на кафеавата мечка и причинети штети на добитокот, пчелните семејства и имоти“, се вели во соопштението од Владата.