Владата на Република Северна Македонија вчеравечер, по донесувањето на заклучоците на Комитетот на постојани претставници (КОРЕПЕР), во кои е внесено споменување на „погрешно толкување на историјата“ и долгото име на Северна Македонија, односно Република Северна Македонија, изрази „разочарување што ЕУ не најде начин да донесе позитивна одлука за усвојување на Преговарачката рамка, што ќе овозможеше првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија да се одржи до крајот на 2020 година, за време на германското претседавање со ЕУ“.
Владата вели дека ова „потврдување на ветото“ е разочарувачки, оти, според неа, биле исполнети сите услови за старт на преговорите за зачленување во ЕУ.
„За жал, се потврди ветото на Бугарија со кое не се дозволува почеток на преговорите на нашата земја во ЕУ, иако според сите извештаи на европските институции ние ги исполнивме сите критериуми за да се прифати преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција за да започнат преговорите. Ние испорачуваме, а ЕУ не ги одржа своите ветувања и во овој момент не го добиваме правилниот одговор. Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година, сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ“, се вели во владиното соопштение.
Истовремено, Владата на Северна Македонија порача дека за идентитетот нема да преговара и дека нема потреба од нов договор или анекс на договор – иако посветеноста во Владата на наоѓање решение останува.
„Барањата на Република Бугарија не се изненадување, но нивната упорност на стојалишта кои немаат ништо заедничко со стратешки важното прашање за проширувањето на ЕУ, нема да ги променат нашите ставови дека за идентитетските прашања нема преговори“, велат од Владата додавајќи дека остануваат посветени на дијалогот со Софија и барање на взаемно прифатливо решение.
„Спремни сме да разјасниме одредени дилеми доколку има потреба за тоа, но нашите позиции се познати и јавно потврдени: Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. За македонскиот идентитет не се разговара и не се преговара“, се вели во владиното соопштение.
Понатаму се додава дека Договорот со Бугарија е добар и нема потреба од нов договор или анекс на договор.
„Спремни сме за поактивна имплементација на договорот. Имаме дадено предлог акциски план за проекти меѓу двете држави кои можат да ја унапредат соработката во различни области (економија, инфраструктура, култура, образование, и друго)“, се вели во владиното соопштение.
Се порачува дека говорот на омраза и провокациите не му чинат никому добро, како и дека ЕУ испраќа лоша порака до граѓаните.
„Секогаш ќе се бориме против говор на омраза. Провокации не се во интерес на никого и мораме да одржуваме цивилизиран и европски дијалог на сите нивоа. Да не влегуваме во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои нема да донесат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ“, посочуваат од македонската влада.
Оттаму додаваат дека без разлика што ЕУ испраќа лош сигнал за вредноста на нашите домашни реформи и покажани резултати во процесот на интеграција во ЕУ за кои од Брисел стигнуваа признанија, Владата на Северна Македонија останува посветена на истиот стратешки колосек како и до сега.
Нема отстапување од стремежот за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: Постигнување и одржување на добрососедски односи, активно учество во НАТО како рамноправна членка на Алијансата и непоколеблива аспирација за членство во ЕУ.
„Дома нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрување на преговарачката рамка, да предизвика застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста што ја имаме во регионот. Со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома“, нагласи Владата по вчерашното внесување на „историските прашања“ во заклучоците на ЕУ.