fbpx

Владата го усвои Предлог-буџетот за 2024 година, кој ќе тежи 5,5 милијарди евра

Во буџетот за идната година, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, не е предвидено зголемување на платите на функционерите, а во изборниот процес ќе нема ниту нови вработувања во јавниот сектор. За изборите догодина, пак, предвидени се една милијарда денари

-

Владата денеска на предлог на Министерството за финансии, го усвои Предлог-буџетот за 2024 година. Во буџетот за идната година, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, не е предвидено зголемување на платите на функционерите, а во изборниот процес ќе нема ниту нови вработувања во јавниот сектор. За изборите догодина, пак, предвидени се една милијарда денари, односно по 500 милиони денари за претседателските и уште толку за парламентарните избори.

Приходите се планирани на 5,040 милијарди евра што е за 10 проценти повеќе од годинешниот буџет, а расходите се планирани на ниво од 5,5 милијарди евра или 5,7 проценти повеќе од она што го имаме за трошење оваа година.

Предлог-буџетот сега треба да биде доставен до Собранието.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека Буџетот трета година по ред се планира во услови на изразена неизвесност, надворешни ризици и неповолни трендови во глобалната економија и дека Предлог-буџетот за 2024 година е одговор на потребите и состојбата во која се наоѓа македонската економија.

Во 2024 година, рече тој, се очекува раст на економијата од 3,4% во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка, додека стапката на инфлација се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6%.

Фото: Влада на РСМ

Во владиното соопштение се вели дека вкупните приходи на Буџетот за 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари (31,6% од БДП) и истите се за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари (35% од БДП) или за 5,8% повисоко во однос на 2023 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 3,4% од планираниот БДП или во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари.

„Планираниот дефицит е во согласност со определбата за фискална консолидација, пропратена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и реализацијата на инфраструктурните проекти“, велат од Владата.

Бесими: Буџетот е одржлив и развоен

Министерот за финансии Бесими рече дека „буџетот за 2024 година е развоен и одржлив“. Развоен, вели Бесими, е поради продолжувањето на инвестициите во инфраструктурата, односно најголемиот инфраструктурен циклус во историјата на државата.

„Одржлив е бидејќи и покрај силната инфраструктурна компонента и надворешните предизвици, продолжуваме со фискалната консолидација, односно го намалуваме и понатаму буџетскиот дефицит на 3,4% (скоро една третина во однос на оваа година кој изнесува 4,8%)“, рече Бесими.

Фото: Влада на РСМ

Тој додаде дека за реализација на планираниот инвестициски циклус во Буџетот преку капитални расходи се планирани 45,1 милијарда денари за инвестиции во веќе започнатите инфраструктурни проекти, како патна и железничка, енергетска и комунална инфраструктура, во здравството, образованието, социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштита на животната средина и правосудството.

Со Предлог-буџетот за 2024 година за тековните расходи се планирани 298,6 милијарди денари, со кои се обезбедува редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор и нивно усогласување со Општиот колективен договор, навремена и редовна исплата на пензии и нивно усогласување согласно системското решение, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и алоцирање на средства за таргетирана поддршка на ранливи категории на граѓани и стопанството.

За трансфери и субвенции се планирани 215,2 милијарди денари, кои се за околу 5% повеќе во однос на 2023 година. За исплата на пензии согласно новата утврдена методологија, се планирани 83,6 милијарди денари. За исплата на надоместоци за социјална заштита 13,5 милијарди денари. Дополнителни 1,5 милијарди денари се за таргетирани мерки за најранливите категории на граѓани. За активни мерки и политики за вработување 2 милијарди денари.

За здравствена заштита се предвидени 45,7 милијарди денари со кои ќе се финансираат здравствените услуги, исплата на обврски на јавните здравствени установи, програмите за лекови, меѓу кои и за лекот за цистична фиброза – Трикафта, како и обезбедување средства за зголемени плати за сите вработени во јавното здравство согласно Општиот колективен договор.

Предвидени се средства за исплатата на земјоделски субвенции, субвенции за поддршка на мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, иновативна дејност, технолошки развој и истражување, нови инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања и слично.

Со Буџетот за 2024 година се обезбедуваат и повеќе средства за трансфери до единиците на локалната самоуправа во износ од 29,7 милијарди денари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...