Фото: Арбнора Мемети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 560 и има околу 580 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.

Оттаму велат дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 326 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Додека пак, во главниот град се лекуваат 234 лица сомнителни и потврдени за ковид-19, од кои голем дел се на кислородна поддршка.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 21 пациент позитивен и суспектен на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 37 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 18 пациенти, во Велес се лекуваат 28 болни, а во Куманово 45 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 50 пациенти, во Прилеп 20, во ковид центарот во Гостивар 15, а во Струга 18 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 20 пациенти, во Кочани 6, во Кичево 8, Кавадарци 21, во Гевгелија 6 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во главниот град пак, во последното деноноќие, на интерните клиники имало 6 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 8 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 4 во текот на вчерашниот ден.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 92 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ велат од Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 18 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 20 пациенти, на Клиниката за неврологија 23 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 21 пациент со симптоми на корона вирусот. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 77 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежи 81 пациент, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 12 пациенти.