Фото: Mufid Majnun on Unsplash

Министерството за здравство денеска соопшти дека вкупно 1.224 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава, додека пак слободни се 317 болнички кревети во ковид центрите.

Имајќи предвид дека дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 699 пациенти, додека пак во главниот град се лекуваат 520 пациенти.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 63 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворен е и ковид центарот на ТОАРИЛУЦ, на Клиниката за Трауматологија, а доколку има потреба ќе се отворат и дополнителни оддели на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за торакална хирургија кои имаат вкупно 50 кревети.

Во последното деноноќие, на Интерните клиники и ТОАРИЛУЦ имало 28 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 12 примени пациенти и 17 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 6 нови пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 40 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ велат од Министерството за здравство.

Лекарската комора вчера побара воведување на дополнителни мерки за заштита од ковид-19 во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје, имајќи предвид дека медицинскиот персонал е исцрпен.

Инаку во моментов во ковид центрите на Интерните клиники и ТОАРИЛУЦ се лекуваат 234 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 108 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 137 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 34 пациенти. На ГАК има 7 хоспитализирани ковид позитивни пациентки.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 63 оздравени пациенти.