Дигитално земјоделство – нова студиска програма на Факултетот за земјоделски науки и храна

Покрај познавање од земјоделските науки и храната, идните студенти на оваа програма ќе се стекнат и со експертиза во областа на информатичките технологии и дигитализацијата. Новите кадри ќе треба да го одржат и развијат домашниот земјоделски сектор

фото: Факултет за земјоделски науки и храна - Скопје

Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) во Скопје отвора нова студиска програма по Дигитално земјоделство. Програмата, соопштија од таму, има мултидисциплинарен пристап и се реализира во тесна соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Машинскиот факултет, сите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

Акцентот на студиската програма е ставен на применетиот аспект на знаења и вештини што ги стекнуваат студентите, односно покрај познавање од земјоделските науки и храната, идните студенти ќе се стекнат и со експертиза во областа на информатичките технологии и дигитализацијата.

Новата студиска програма се очекува да одговори на секојдневните предизвици во земјоделството и во производството на храна, и претставува резултат на барањата и потребите на стопанството да се осовременат студиските програми на ФЗНХ.  Во таа насока, Факултетот со новите акредитации воведува и задолжителен предмет Стручна пракса која ќе се реализира во соработка со стопанството. Исто така, ќе продолжи да оформува академски профили кои со својата стручност ќе бидат способни да одговорат на барањата на современото земјоделско производство. Новите кадри ќе треба да го одржат и развијат домашниот земјоделски сектор.

„Студиската програма по дигитално земјоделство има цел да создаде дипломирани земјоделски инженери кои, во следните години, треба да го прилагодат земјоделскиот сектор во нашата држава кон новите модерни трендови и примената на дигиталните технологии, со што ќе придонесат за поефикасно и профитабилно земјоделско производство, конкурентно не само на нашиот, туку и на меѓународниот пазар. Оваа студиска програма ќе помогне во изградба на нова генерација висококвалификувани млади професионалци со мултидисциплинарни знаења и вештини, способни за воведување применливи решенија и иновации во оваа значајна индустрија, но и во согласност со целите на стратегијата за паметна специјализација“, вели поранешниот декан и еден од иницијаторите за креирање на оваа програма, професор д-р Вјекослав Танасковиќ.

За успешното реализирање на програмата, заедно со поддршката од неколку меѓународни соработки (IME, GIZ и SWG RRD) отворена е и нова Лабораторија за дигитално земјоделство.

„Оваа лабораторија е клучна за наставата на новата студиска програма по Дигитално земјоделство, но ќе се користи и за потребите на истражувачката дејност, како во функција на соработката со бизнис секторот и институциите“, вели професорот Танасковиќ.