fbpx

Реакции и протести во Грузија откако парламентот го одобри контроверзниот закон за „странски агенти“

Во тензична атмосфера, со физички и вербални пресметки меѓу пратениците, грузискиот парламент синоќа го донесе законот. Пред законодавниот дом, пак, демонстрантите ја нападнаа полицијата, а уапсени се неколку лица. Овој чекор на властите во Грузија предизвика реакции меѓу европските политичари, а САД упатија предупредување до земјата да не оди на страната на Москва

-

Одлуката на грузиската влада да донесе закон за таканаречените „странски агенти“ е чекор во погрешна насока и ја оддалечува Грузија од европската и евроатлантската интеграција, изјави денеска портпаролката на НАТО, Фара Даклала, откако грузискиот парламент вчера го изгласа законот кој предизвика неколкунеделни масовни улични протести.

„Ја повикуваме Грузија да го промени курсот и да го почитува правото на мирни протести“, напиша Даклала на социјалната мрежа „Х“, а пренесе Гардијан.

Реакции стигнаа и од Советот на Европа. Генералната секретарка Марија Пејчиновиќ изјави дека разочарува усвојувањето на нацрт-законот во третото читање, без да се чека мислењето на Венецијанската комисија.

„За жал, беше игнорирана загриженоста на меѓународните партнери во врска со неусогласеноста на нацрт-законот со европските демократски стандарди и стандардите за човекови права, додека недостатокот на вистински парламентарни расправи не е во согласност со инклузивен демократски процес“, рече Пејчиновиќ.

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел и еврокомесарот за соседство Оливер Вархеји, пак, во своите изјави порачаа дека ЕУ стои со грузискиот народ и неговиот избор во корист на демократијата и европската иднина на земјата. Заплашувањето, заканите и физичките напади врз претставници на граѓанското општество, политичките лидери и новинарите, како и нивните семејства се неприфатливи, велат тие.

„Усвојувањето на овој закон негативно влијае на напредокот на Грузија на патот кон ЕУ. Изборот за патот напред е во рацете на Грузија. Ги повикуваме грузиските власти да го повлечат законот, да се држат до својата посветеност на патот кон ЕУ и да ги унапредат неопходните реформи“, се вели во изјавата на Борел и Вархеји.

САД со предупредување до Грузија да не оди на страната на Москва против Западот

Во меѓувреме, САД ја предупредија Грузија да не стане „противник на Западот“ со тоа што ќе се врати на линијата со Москва. Помошникот државен секретар на Вашингтон, Џим О’Брајан рече дека усвојувањето на законот за „странски агенти“ може да биде уште една пресвртница во проблематичната историја на поранешната советска држава.

О’Брајан рече дека американското финансирање на Грузија наскоро може да биде повлечено. Милијарди долари беа потрошени од САД за обнова на Грузија по падот на Советскиот сојуз, а стотици милиони долари беа планирани за грузиската економија и војската.

Среде тековните протести и репресии од страна на грузиската влада, повеќе истакнати европски политичари ја посетуваат Грузија за да ја изразат својата поддршка за демонстрантите. Претседателот на Комитетот за надворешни работи во германскиот Бундестаг, Мајкл Рот, бил меѓу оние кои присуствуваа на вчерашниот протест во Тбилиси, а искуството го опиша како „еден од најтрогателните моменти“ во неговиот политички живот, пишува Гардијан.

Грузиската претседателка најави вето на законот

Законот сега се соочува со веројатно вето од претседателката на Грузија, Саломе Зурабичвили. Владејачката партија „Грузиски сон“, сепак, има доволен број пратеници во парламентот за да го отфрли најавеното претседателско вето.

Според предлог-законот кој го помина своето трето и последно читање со 84 гласа за и 30 против, невладините организации и независните медиуми во Грузија кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски донатори, ќе мора да се регистрираат како организации „што работат во интересите на странска сила“.

Демонстрантите се загрижени дека Владата ќе го искористи законот за да ги потисне своите противници, пренесува Би-би-си. Се прават паралели со авторитарниот закон кој во Русија стапи на сила во 2012 година и кој Кремљ оттогаш го користи за да ги запре неистомислениците.

Премиерот на Грузија, Иракли Кобахиџе во понеделникот предупреди дека, ако властите се повлечат на третото читање на законот, Грузија ќе го изгуби суверенитетот и „лесно ќе ја сподели судбината на Украина“, без да наведе детали што сака да каже.

Демонстрантите синоќа ја нападнаа полицијата која ги чуваше страничните влезови на парламентот. Неколку лица беа уапсени откако се обиделе да ги пробијат железните бариери во близина на зградата. Атмосферата беше тензична и во грузиското Собрание, со физички и вербални пресметки меѓу пратениците од власта и опозицијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Просечната нето-плата во април изнесувала 41.085 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април во земјава изнесувала 41.085 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Индексот на просечната исплатена нето-плата во споредба со истиот...