Вјоса Османи избрана за претседателка на Косово во наредите пет години

Со 71 гласа „за“ и 11 неважечки гласачки ливчиња, Косовскиот парламент вчера ја избра Вјоса Османи за претседател на Косово во наредните пет години. Триесет и осумгодишната поранешна спикерка на парламентот беше израна за претседател во третиот круг на гласање на кое присуствуваа 82 пратеници.

Противкандидат на Османи беше Насуф Бејта, кој исто така е од редовите на „Самоопределување“, но како што пренесуваа медиумите, неговата кандидатура беше само формална.

Во првиот круг гласаа 81 пратеник, од кои Османи доби 69 гласа, Бејта ниту еден, а 12 гласачки ливчиња беа неважечки. Во вториот круг пак, гласаа 82 пратеници од кои за Османи 67, за Бејта 4, а 11 ливчиња беа неважечки. Доколку парламентот не успееше да избере претседател до 5 април, автоматски ќе беа распишани предвремени парламентарни избори.

По нејзиниот избор, Османи повика на дијалог со Србија за нормализирање на односите меѓу двете страни. Но, постави услов владата во Белград прво да се извини и да покрене обвиненија против одговорните за војната во 1998/99 година.

„Мирот може да се постигне само кога ќе видиме дека Србија жали, кога бара прошка и кога ќе се постигне правда за оние кои страдале од злосторствата“, изјави Османи.

Таа вети дека ќе работи на зајакнување на државата, владеењето на правото, со цел „да се заштити секој сантиметар од земјата“.

Османи е петтиот избран претседател на Косово од прогласувањето на независноста во 2008 година. Таа беше привремена претседателка од ноември 2020 до март 2021, по оставката на Хашим Тачи поради хашкото обвинение за воени злосторства.