fbpx

Вистиномер: СЗО не ја поддржува хипотезата дека ковид вакцината е причинител за хепатитис кај децата

-

Не е точно дека СЗО нема одговори на прашањето дали појавата на акутен хепатитис кај децата е поради вакцинацијата со ковид-19. Хипотезите поврзани со несакани ефекти од вакцината против ковид-19 не се поддржани затоа што огромен дел од афектираните деца не примиле ковид вакцина, соопштија од СЗО , пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој е споделен медиумски напис од сајтот Коловрт со наслов: ,,Акутна епидемија на хепатитис кај децата! СЗО нема одговори дали е ова од вакцините”.

Во написот се тврди дека најмалку 169 деца на возраст од еден месец до 16 години се заразени со хепатитис во 11 земји, а како извор се цитира Светската здравствена организација. Случаите се регистрирани во Обединетото Кралство, Шпанија, Израел, САД, Данска, Ирска, Холандија, Италија, Норвешка, Франција, Романија и Белгија. Потеклото за хепатитисот не е познато, но во насловот и во текстот сосема непоткрепено со факти, се поставува непостоечката теза дека можен причинител е вакцинацијата против ковид-19.

Повеќето случаи немале треска, според СЗО, која додава дека истрагата треба да се фокусира на фактори како што се „зголемена чувствителност кај малите деца по пониски нивоа на циркулација на аденовирус за време на пандемијата ковид-19, потенцијал за нов аденовирус и коинфекција со Сарс Ков 2, се вели во написот споделен во постот.

Од погорниот цитат, произлегува дека не вакцинацијата, туку самиот ковид-19 се разгледува како можен причинител, иако и за тоа нема никаква потврда.

Кога ќе се погледне оригиналното и официјалното соопштение од Светската здравствена организација станува уште појасно дека причинителот на овој нов вид на хепатитис е засега неоткриен!

Во соопштението пишува дека е потребна дополнителна работа за да се идентификуваат нови случаи, и во афектираните земји и на други места. Приоритетот според СЗО е да се открие причината за случаите, за да се преземат понатамошни превентивни дејства. Се додава дека честа превентивна мерка за аденовируси и други чести инфекции е често миење на рацете и респираторна хигиена.

Ги охрабруваме земјите да ги идентификуваат, да ги истражуваат и да ги пријавуваат потенцијалните случаи. Епидемиолошките и информациите за факторите на ризик треба да се собираат и да се доставуваат до СЗО и другите агенции низ договорените механизми. Било каков епидемиолошки линк меѓу случаите, може да обезбеди траги за следење на изворот на болеста. Привремените и географски информации за случаите како и нивните блиски контакти треба да се разгледуваат како потенцијални ризик фактори. СЗО препорачува да се прават тестирање на крвта, урината, столицата и да се истражуваат респираторни примероци како и да се прави биопсија на црниот дроб (кога е тоа можно) со понатамошно карактеризирање на вирусот, вклучително со секвенционирање. Не се препорачуваат рестрикции во патувањата ни во Велика Британија ни во другите држави каде се идентификувани случаи, пишува во официјалното соопштение на СЗО.

Во истото соопштение се вели дека Обединетото Кралство била првата држава којашто пријавила неочекуван и значителен пораст на случаи на акутен хепатитис од непознато потекло кај млади, генерално претежно претходно здрави деца. Според СЗО, една од хипотезите за причината е аденовирус, но тоа не ја објаснува целосно сериозноста на клиничката слика.

Инфекцијата со аденовирус тип 41, имплицираниот аденовирусен тип, не е претходно поврзуван со таква клиничка презентација. Аденовирусите се чести патогени кои предизвикуваат инфекции. Се шират од човек на човек и често предизвикуваат респираторни болести, но зависно од видот, можат да предизвикаат и други болести како гастроентеритис, конјуктивитис и циститис. Има повеќе од 50 типови на имунолошки различни аденовируси кои може да предизвикаат инфекции кај луѓето. Аденовирусот тип 41 типично се презентира како дијареа, повраќање и треска, често пропратно со респираторни симптоми. Иако има пријавени случаи кај имунокомпромитирани деца со аденовирусна инфекција, аденовирусот тип 41 не е причинител на хепатитис кај инаку здравите деца. Факторите како ниска изложеност на аденовируси за децата за време на ковид пандемијата, потенцијалната појава на нов аденовирус, како и Сарс Ков 2 инфекција, треба дополнително и понатамошно да се истражуваат. Хипотезите поврзани со несакани ефекти од вакцината против ковид-19 не се поддржани затоа што огромен дел од афектираните деца НЕ ПРИМИЛЕ КОВИД ВАКЦИНА, децидни се од СЗО во своето соопштение.

Меѓутоа, во медиумскиот напис прикажан во постот што го рецензираме, е изоставен овој дел од соопштението на СЗО и се формулира невистинита теза, дека ,,СЗО наводно не знае дали вакцината против ковид-19 е причинител на хепатитисот кај децата, иако од соопштението е евидентно дека точно се знае оти најголемиот дел од децата кои го развиле овој хепатитис не се вакцинирани.

Доктор Илчо Ефкоски на својот Фејсбук профил, исто така,објаснува дека 10 од 13 деца во Шкотска развиле тежок облик на болеста, а во исто време се пријавени и 17 трансплантации на црн дроб за да се спасат дечиња во светот.

Тој пишува:

„Хепатитисот може да биде предизвикан од различни вируси како најчести причинители, потоа хемиски супстанции (пр. лекови), габички, бактерии итн. Сепак најчесто е предизвикан од вируси и се именува како хепатитис А, Б, Ц, Д и Е, а кога хепатитисот е предизвикан од непознат вирус, тој се нарекува хепатитис Х (како во овој нов случај по светот, бидејќи не е докажан ниту еден од веќе познатите причинители). Исклучено е дека е последица на вакцините против ковид-19, бидејќи ниту едно од децата немаат примено вакцина. Дали е последица на прележан ковид-19, засега не може да се потврди, иако некои од децата имаат историја за позитивен контакт и/или тест, но во ова време кога САРС-КоВ-2 беснее низ светот, чудно би било и да нема вакви случаи. Истото се однесува и за аденовирус како причинител, бидејќи буквално луѓето секојдневно се бањаат во аденовируси со децении наназад.“
Тој додава дека различни вируси кои предизвикуваат хепатитис се пренесуваат на различни начини:
  • Хепатитис А: Доаѓање во контакт со храна или вода која е контаминирана од столицата на заразено лице. Во ретки случаи, може да се пренесе и преку крв.
  • Хепатитис Б: Се шири преку контакт со крв или телесни течности на заразено лице, како што се сперма, вагинален секрет или плунка. Сексот и споделување игли се вообичаени начини за заразување со оваа болест.
  • Хепатитис Ц: Се шири преку контакт со крвта на заразено лице. Инфекциите од мајка на дете сочинуваат околу 10% од преноси.
  • Хепатитис Д: Може да зарази само кога хепатитис Б е веќе присутен. И тој се шири преку контакт со крвта или телесни течности на заразено лице.
  • Хепатитис Е: Доаѓање во контакт со храна или вода која е контаминирана од столицата на заразено лице.

Симптоми:

Иако секој тип хепатитис влијае на црниот дроб, тие можат да покажат различни симптоми и да перзистираат различни временски периоди. Акутниот хепатитис трае од шест недели до шест месеци, а бидејќи овој е нов вид и се следи помалку од 6 месеци во светот, ќе обрнам внимание само на најчестите симптоми на акутен хепатитис:

  • Замор
  • Треска
  • Жолтица (пожолтување на очите и кожата)
  • Светло обоени столици
  • Губење на апетит
  • Гадење и повраќање
  • Болка во горниот десен дел на стомакот

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е точно дека СЗО нема одговори дали хепатитисот е поради вакцинацијата со ковид-19. Таа  хипотеза воопшто не е поддржана, како што се вели во самото соопштение на СЗО и како што потврдува еден македонски доктор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...