fbpx

Вистиномер: Орбан не одбил 7 милијарди евра од ЕУ

-

Најголемата манипулација во оваа објава е дека унгарскиот премиер одбил над 7 милијарди евра од ЕУ, помош за справување со последиците од пандемијата. Орбан не ги одбил парите од ЕУ. Станува збор за еден вид казна од ЕУ за Унгарија, а поради непочитување на владеењето на правото, правилата и вредностите на ЕУ. Официјални изјави и податоци од двете страни – и од  ЕУ и од  Унгарија, потврдуваат дека Унгарија не ги одбила финансиските средства што треба да ги добие од ЕУ.  Унгарија ги сака тие пари и затоа води константни преговори со ЕУ и е подготвена на компромис, за што говорат изјавите на официјални лица од Унгарија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Преку Фејсбук објава се величи наводна одлука на унгарскиот премиер, Виктор Орбан да одбие 7 милијарди евра од ЕУ и се тврди дека ги нарекол перверзни. Ова не е точно. Ниту Орбан има изјавено вакво нешто, ниту пак, станува збор за одбивање на парите.

Да се знае:

Виктор Орбан одбил 7 милијарди евра од ЕУ: Не сакам пари од перверзни!

Унгарија може без вас, но тоа е цената што треба да ја платиме за вашата „помош“. Не сакам странци, затворете ги – така категорично и налутено им порача Виктор Орбан на челниците на ЕК.

Виктор Орбан ги одбил спорните пари, се додека условот е да работи спротивно на неговата желба. Причина за загубата е одлуката на Европската унија да и обезбеди на Унгарија финансиска помош за справување со последиците од пандемијата во регионот од околу 7,2 милијарди евра.

Меѓутоа, за да го добие, Унгарија ќе мора да ги прифати вредностите на ЛГБТ заедницата и да се откаже од неодамна донесениот закон, кој забранува почитување на секое новороденче и дете, се вели меѓу другото во објавата.

Виктор Орбан никогаш нема дадено вакво изјава. Тој никогаш, во ниту едно официјално обраќање не рекол: „Не сакам пари од перверзни“. Ова е неточна информација. Исто така, тој никогаш не им порачал на челниците на ЕУ „не сакам странци, затворете ги“. Ова е уште една дезинформација.

Најголемата манипулација во оваа објава е дека Виктор Орбан одбил над 7 милијарди евра од ЕУ, помош за справување со последиците од пандемијата. Со оваа манипулација се постигнува величење на наводната одлука и постапка на Орбан, но тоа не е вистина.

Орбан не ги одбил парите од ЕУ. Станува збор за еден вид казна од ЕУ за Унгарија, а поради непочитување на владеењето на правото, правилата и вредностите на ЕУ. Одбивање пари и недобивање пари како еден вид санкција се две многу различни работи.

 

За што точно станува збор и зошто Унгарија може да не добие пари?

Европската Унија започна постапка за активирање на механизмот за владеење на правото против Унгарија на крајот на април – првпат тоа го стори против земја-членка на ЕУ, откако механизмот стапи на сила на почетокот на 2021 година. Таканаречената процедура за буџетска условеност прави полесно да се санкционираат членките на ЕУ за кршење на владеењето на правото. Додека во другите процедури, потребно е едногласност на земјите-членки, оваа постапка бара согласност од квалификувано 55 отсто мнозинство од членовите, што претставува најмалку 65 отсто од населението на блокот.

Минатиот месец во Брисел беше објавен нов Извештај за владеење на правото во кој се проценува потенцијалниот износ на финансиски санкции против земјите-членки. Во него се заклучува дека би било оправдано и неопходно да се запре целото финансирање од ЕУ за Унгарија бидејќи нејзиното кршење на владеењето на правото се толку сериозни, долгогодишни и систематски што не е сигурно дека дури и едно евро ќе биде безбедно од корупција и злоупотреба.

Унгарската влада потоа предложи нови закони кои имаат за цел да ги смират грижите на ЕУ за да ги отклучат средствата задржани поради загриженоста за мито.

Пред неколку дена, Унгарија изрази надеж дека ќе постигне договор со Брисел за блокираните фондови на ЕУ до крајот на годината, додека се трка со часовникот за да ги отклучи милијардите кои се замрзнати поради загриженоста за институциите заробени од државата и корупцијата.

Ако Будимпешта не успее да постигне договор со Европската комисија до крајот на 2022 година, ќе загуби 4,64 милијарди евра (3,91 милијарди фунти) од средствата за закрепнување од ковид-19, додека остануваат прашањата за потенцијалната шестгодишна програма за финансирање од 24,3 милијарди евра за надградба на нејзината национална инфраструктура.

Орбан испрати највисоки функционери во Брисел во офанзива за да ги отклучат средствата.

Главниот унгарски преговарач, Тибор Наврачич, за „Гардијан“  изјави дека е оптимист за постигнување договор за искористување на планот за закрепнување на ковид во вредност од потенцијални 15 милијарди евра до крајот на годината. Тој, исто така, се надева дека Унгарија може да склучи „партнерски договор“ на почетокот на годината за да обезбеди 24,3 милијарди евра „кохезиони фондови“, главно од ЕУ.

Двата договори се испреплетени со дисциплински процес започнат против Унгарија во април, кој може да доведе до суспензија на фондовите на ЕУ поради прекршување на владеењето на правото. На унгарската влада и е даден рок до 22 август да одговори на долгото писмо од Комисијата со предупредување за „поправни мерки“.

Шефот на кабинетот на Орбан, Гергели Гуљас, на брифинг изјави дека владата го проучувала писмото и дека е оптимист во врска со договорот за ослободување на средствата за наплата.

Прашањата покренати, во писмото се сите прашања за кои преговаравме со месеци со Комисијата. Нема точка каде што немаме заеднички став или каде што не би нашле прифатливо решение, рече Гуљас.

Унгарија имаше неправилности во скоро 4 отсто од трошењето на фондовите на ЕУ во 2015-2019 година, според Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ), во споредба со просекот на ЕУ од 0,36 отсто.

Официјалните изјави и податоци од двете страни – и од страна на ЕУ и од страна на Унгарија, потврдуваат дека Унгарија на чело со Орбан не ги одбила финансиските средства што треба да ги добие од ЕУ. Станува збор за нешто сосема друго. Унгарија, сепак ги сака тие финансиски средства и затоа води константни преговори со ЕУ, и е подготвена на компромис, а потврда за ова се изјавите на официјални лица цитирани погоре.

Според ова, вистината е дека Орбан никогаш не ги одбил тие пари, а дезинформација е дека давал изјави какви што се цитирани во Фејсбук објавата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...