Сè уште не се знае дали Студентскиот дом во Тетово ќе биде готов за есенскиот семестар

Студентскиот дом во Тетово. Фото: Фисник Џелили/Порталб, август 2022

Иако градежните работи се завршени, Студентскиот дом во Тетово сè уште не е готов, бидејќи не е поставен неопходниот мебел. Ветувањата на надлежните постојано се одолговлекуваат, а не се знае дали домот ќе биде готов за претстоечкиот семестар. Во тек е постапката за набавка на мебел, пишува Порталб.мк.

Иако Студентскиот дом во Тетово претставува голема потреба за студенти од надвор и од другите градови, ова досега очигледно не беше доволен мотив надлежните да го реализираат проектот ветен во 2016 година. Со тоа ги надминаа роковите за реализација, иако постојано ветуваа нови рокови за завршување на проектот, но до денес без конечен резултат.

Иако министерот за образование, Јетон Шаќири на почетокот на годинава изјави дека се очекува студентскиот дом да биде готов за оваа академска година, вчера министерот не одговараше конкретно дали ќе биде готов дотогаш, односно во октомври, кога студентите почнуваат со предавања.

„Студентскиот дом во Тетово е целосно изграден, односно сите градежни активности се завршени, така што останува процесот на негово опремување. За оваа цел, во тек е постапка за јавна набавка, за избор на економски оператор за опремување на Студентскиот дом, при што отворањето на понудите ќе биде на 18 август. По завршување на постапката и комплетното опремување на домот, тој ќе биде ставен на располагање на студентите, а ќе биде распишан и конкурс за сместување“, рекоа од Министерството за образование и наука (МОН).

Прашавме и во Универзитетот во Тетово (ДУТ), но од таму ни рекоа дека во моментов не можат да дадат конкретни одговори, бидејќи се на колективен годишен одмор.

Недостигот на студентско сместување е проблем за многу странски студенти, бидејќи според нив цените на приватните станови се скапи, и тие не можат да ги покријат таквите трошоци. А да се најде еден или повеќе колеги да живеат заедно и да ги делат трошоцит,е не е секогаш лесно.

Има студенти кои поради немање сместување се принудени да патуваат.

Изградбата на Студентскиот дом во Тетово е инвестиција вредна 166,5 милиони денари, и објектот ќе има 305 легла. Покрај спалните соби, во домот се очекува да има и технолошка соба, читална, сала за вежбање на студентите, простор за ужина итн.

Истиот се ветува уште од 2016 година, и тоа дента кога Владата на Северна Македонија го усвои законот за основање на Универзитетот „Мајка Тереза“, беше најавена и изградбата на овој студентски дом, и истата година беше отворен и тендерот за изградба на домот.

И покрај тоа што тендерот за изградба беше отворен во септември 2016 година, одлука за почеток на работа немаше. Одлуката  беше официјално донесена на крајот на март 2018 година и беше планирано објектот да биде завршен во април/мај во таа година.

Но тоа не беше реализирано и во овој временски рок. Потоа, поранешниот заменик министер за образование Арафат Шабани изјави дека студентскиот дом би требало да биде готов кон крајот на 2021 година, но и тоа не се реализира. Неодамна министерот Шаќири изјави дека се очекува да домот да биде готов за овој семестар за да започне со работа во октомври.

Инаку, неодамна заврши електронската регистрација за сместување во државни и приватни студентски домови што започна на 18 јули и траеше до 5 август важеше за студенти од втора до шеста година на студии и матуранти.

За студентите од прва година, рокот за пријавување е од 5 до 16 септември 2022 година, односно по истекот на првиот рок за пријавување на факултетите за учебната 2022/2023 година.

Во објавениот конкурс од министерството, овој студентски дом не фигурира.