Фото: Gerd Altmann @Pixabay.com

Не е точно дека вакцинацијата против ковид-19 предизвикува зголемена стапка на смртност од синдромот САДС (синдром на ненадејна аритмична смрт). САДС постои децении пред да се појави пандемијата со коронавирусот и вакцините против ковид-19. Исто така, не е јасно од каде потекнуваат структурите на фотографиите во постот, кои се претставени како абнормални згрутчувања на крвта. Нема докази дека се од пациенти со САДС, ниту, пак, дека згрутчувањата се поврзани со вакцината. А, нема ни докази дека овие лица биле вакцинирани против ковид-19, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој вакцините против ковид-19 се нарекуваат генетски инјекции, и се тврди дека после нивното инјектирање следува ненадејна смрт кај возрасни луѓе. Во склоп на постот споделени се и фотографии, за кои се вели дека се приказ под микроскоп, и дека претставуваат фотографии од згрутчување на кравта кај оние што ненадејно умреле откако биле вакцинирани. Според постот, згрутчувањето на крвта кај тие што умират ненадејно не е како кај нормалните згрутчувања на крвта, туку тие содржат големи повторувачки структурни елементи. Според наведеното во постот, презентирани се и фотографии од овие наводни елементи, за кои се тврди дека биле во крвните садови и артериите на тие што ненадејно починале. Згрутчувањата на крвта, според постот, биле многу невообичаени бидејќи се состоеле од влакнести нишки, имале кристали кои покажувале отпорност на боење со грам, а една од структурите личела на микрочип.

Меѓутоа, наспроти наведеното во постот што го рецензираме, ненадејниот синдром на смрт кај возрасни лица, не е поврзан со вакцините против ковид-19.  САДС се случува кога некој добива ненадеен срцев удар и починува, и е синдром што е проучуван во научните кругови со децении.

Како што пишува Мајо Клиниката во САД, САДС (синдром на ненадејна аритмична смрт или синдром на ненадејна смрт кај возрасен) е термин кој се користи за да се опише ненадејна смрт после срцев удар кај помлади возрасни лица.

Според клиниката Кливленд, ова се случува најчесто кај возрасни во средината на нивните триесетти и четириесетти години и ги афектира мажите двапати повеќе од жените. Може да се случи и кај помлади, како кај тинејџери атлети кои умираат ненадејно додека тренираат или учествуваат на спортски натпревар. САДС е наследна генетска состојба која се случува кога електричниот систем на срцето не функционира соодветно и неговата причина главно е непозната, велат за „Верифај“, од САДС фондацијата.
Најчестата причина за САДС е аритмија или електрично попречување во срцето објаснила за „Верифај“ доктор Пајал Кохил .
„Ако имате некој во семејството, родител, брат или сестра, братучед или тетка или вујко кои починале ненадејно од необјасниви причини, тие се видовите на испитаници за кои вршиме скрининг. Причината поради која се фокусираме на атлетите, не е зашто тие имаат поголем ризик да го развијат синдромот, туку ако го имаат, тогаш поголем е ризикот за нив да починат. Зашто, кога се натпреварувате во атлетски, компетитивни спортови, вашето срце поминува на стрес тест кој може да биде тригер за електрички проблеми, ако имате пропратна генетска предиспозиција за тоа“, вели доктор Кохил.

Таа е кардиолог и медицински директор на клиника во Денвер како и професор по медицина на Универзитетот Колорадо и додала дека не ѝ е јасно зошто некој би правел корелација и би ја посочувал темата со овој синдром баш сега.

Како кардиолог знам за овој синдром со децении. Обично е нешто што го има генетски, наследно во семејствата или кардиомиопатија која претставува проблем со срцевиот мускул кој води до ненадејна, необјаснета смрт кај млади индивидуи. Ме чуди како некој воопшто може да се најде поврзаност меѓу САДС и вакцинацијата, со оглед на тоа што вакцинираме луѓе со децении и не сме виделе дека вакцините имаат било каков резултат во појавата на овој синдром. По дефиниција причината за појавата на овој синдром е аритмија предизвикана без некоја посебна причина, вели таа.

САДС постои децении пред да се појави пандемијата со коронавирусот и вакцините против ковид-19. Во мејл за „Верифај“, од фондацијата задолжена за едуцирање на јавноста за овој синдром, велат дека првиот документиран случај на САДС е опишан во Германија во 1856 година, а дека синдромот е истражуван во САД од раните седумдесетти (1970).

Доктор Мајкл Џ. Акерман, професор на Клиничкиот колеџ на Мајо Клиниката вели дека две години откако е почната пандемијата со коронавирусот, нема индикација дека најголемата вакцинална програма во светот предизвикала раст на смртноста од овие состојби (САДС).

И според системот за набљудување и следење несакани ефекти од вакцината во САД, ВАЕРС, САДС не е пријавен како несакана реакција од вакцината.

Мајо Клиниката советува да се внимава на предупредувачките знаци на САДС кои се ненадејно и необјасниво онесвестување кое се случува за време на вежбање или тренинг, недостиг на здив или болки во градите, како и семејна историја на ненадејна смрт од инфаркт. Ако имате таква историја во семејството, ова прави да бидете поподложни на слични настани и самите.

Дополнително на тоа, како што може да прочитате од овој линк, за сите САДС пациенти се препорачува вакцинација.

Најновите податоци од Хелт Канада не покажуваат дека САДС е детектиран по примање на вакцина против ковид-19. Делумно, причината за појавата на оваа состојба, покрај генетиката може да биде и употребата на лекови.

Наспроти невистинитото тврдење во постот што го рецензираме, вакцините против ковид-19 не се генетска терапија и „Вистиномер“ веќе ја има разобличено оваа дезинформација и повеќе може да прочитате на следниот линк.

Што се однесува пак, на тврдењето во постот кој го рецензираме, дека кај починатите од САДС имало згрутчување на крвта кое е чудно, во оригиналниот напис нема никакви докази за тоа од каде потекнуваат овие структури кои се претставени на фотографиите, ниту пак, има докази дека навистина сликите се фотографирани неколку часа после смртта на пациенти кои починале од САДС. За тоа нема никаква потврда. Едноставно, не може да знаеме што има на фотографиите и како тие фотографии се направени, дали лицата биле вакцинирани, дали навистина починале од САДС итн. Дополнително, докторката за која во постот се вели дека ги открила овие згрутчувања во крвта, десетина пати е дебанкирана од странски проверувачи на факти (меѓу кои и тие на „Ројтерс“), поради невистинити тврдења за вакцините и наводен магнетизам и постоње графен оксид.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е точно дека вакцинацијата против ковид-19 предизвикува зголемена стапка на смртност од синдромот САДС. Дополнително, за структурите на фотографиите во постот, кои се претставени како абнормални згрутчувања на крва, не е јасно од каде потекнуваат. Нема докази дека се од пациенти со САДС, ниту пак, дека згрутчувањата се поврзани со вакцината. Нема ни докази дека овие лица биле вакцинирани против ковид-19. САДС и вакцините против ковид-19 не се поврзани, туку станува збор за синдром генерално познат во јавноста со децении.