Објавен конкурсот за изработка на постер инспириран од хероите на италијанскиот стрип

Меѓу јунаците на италијански стрипови кои се преведени на маедонски јазик се и популарните Алан Форд, Загор, Марти Мистерија и Дилан Дог. Фото: Мета.мк

Во пресрет на Comics Day / Денот на италијанскиот стрип, што ќе се одржи во октомври 2022 година, Амбасадата на Италија во Скопје во соработка со Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје и Филмскиот Фестивал за млади „Џифони Македонија“ објавува конкурс за изработка на постер инспириран од хероите на италијанскиот стрип.

„Иницијативата има за цел да го поттикне интересот на младите за италијанскиот стрип и да го обнови интересот за него во Северна Македонија и во другите земји од поранешна Југославија“, информираат од Амбасадата на Италија во Скопје.

Учеството на конкурсот вклучува создавање уметнички постер на тема „Италијанскиот стрип“. Информациите за Конкурсот ќе бидат објавени на веб-страницата и на социјалните мрежи на Амбасадата и Институтот „Данте Алигиери“ во Скопје. Конкурсот е отворен до 30.06.2022 година.

На натпреварот може да се земе учество во три категории, и тоа: ученици од средните училишта во Северна Македонија, студенти на државните и приватните факултети на Северна Македонија и млади уметници – графички дизајнери, илустратори, стрип цртачи од Северна Македонија на возраст до 30 години.

Учеството е бесплатно, а содржината на постерот треба да соодветствува со темата на Конкурсот. Неопходно е да се подготви дигитална верзија на делото [мин. 200 dpi / CMYK / jpg / 700x1000mm / вертикално].

При испраќањето на делото, фајлот треба да се персонализира на следниов начин: Ime_Prezime_Uchilishte_NaslovNaPosterot.jpg. (за првата категорија); Ime_Prezime_Fakultet_NaslovNaPosterot.jpg. (за втората категорија); Ime_Prezime_NaslovNaPosterot.jpg. (за третата категорија).

Создадените дела треба да се испратат на e-mail: [email protected], а мејлот да се наслови со Italijanski strip_kategorijaX (X – е бројот на категоријата 1, 2 или 3).