Бугарскиот парламент расправа за гласањето доверба на владата на Кирил Петков, во Софија протести

-

Во бугарскиот парламент денеска се расправаше за гласањето доверба на владиниот кабинет предводен од Кирил Петков. Расправата веројатно ќе продолжи до утре, а гласањето доверба би се случило в четврток. Ова е прво барање да се изгласа недоверба на владата предводена од Кирил Петков, известува mediapool.bg.

Расправата течеше со многу обвинувања и кон владата и кон партиите на владејачката коалиција, но и кон опозициските партии, од кои најсилната, ГЕРБ, владееше со земјата многу долго време.

Во обраќањето пред пратениците, премиерот Кирил Петков рече дека неговата влада нема да дозволи да се краде од бугарските даночни обврзници.

„Оваа влада нема да дозволи да се краде од бугарските даночни обврзници. Тие што тоа го правеле претходно, порано или подоцна ќе стасаат пред реално правосудство“, изјави Петков.

Цитирајќи ги мотивите на опозицијата за барањето да се гласа за доверба, тој повика на разумност.

„Со тие мотиви вие утре ќе треба да донесете одлука и имате реална шанса да ја внесете државата во политичка криза во време на војна“, рече бугарскиот премиер.

Тој се обрати и кон пратениците од „Има таков народ“ (ИТН), која до крајот на предминатата седница беше дел од владејачката коалиција.

„Многумина од вас влегле со јасни цели и мисли и не сте претпоставувале дека вашите лидери ќе ја остават Бугарија на случајот во овој критичен момент. Сетете се на вашата заклетва како народни претставници. Таму нема Слави Трифонов, таму нема г-дин Борисов, ниту Доган, ниту Митрофанова. Вие се заколнавте во име на Бугарија. Нека таа заклетва ве води до вашето решение“, порача Петков.

Барањето за гласање доверба за владата на Кирил Петков беше поднесено од ГЕРБ и поддржано од ДПС, „В’зраждане“ (Преродба) и поранешните партнери во владејачката коалиција „Има таков народ“ (ИТН). Официјалното образложение на ГЕРБ за оставката е „пропаст во финансиско-економската политика“.

ГЕРБ одамна се закануваа со гласање доверба, но поднесоа барање дури откако Слави Трифонов ја повлече својата партија ИТН од владејачката коалиција и владата го загуби парламентарното мнозинство. Но, потоа министерот за спорт во оставка Радостин Василев и петмина пратеници од ИТН му свртеа грб на Трифонов и рекоа дека „ИТН е инструмент за мафијашки и корупциски интереси“.

Доколку соодносот на силите остане како што се очекува, владата на Петков би можела да падне в четврток. Од опозицијата се убедени во тоа, а од владејачката коалиција се надеваат дека ќе најдат уште неколкумина пратеници што би ги поддржале. Во моментот опозицијата има 125 пратеници, а владејачката коалиција и пратениците што се отцепија од ИТН се вкупно 115. Дали владата ќе опстане или ќе биде соборена се решава со најмалку 121 глас – во идеални услови – но можно е кабинетот на Петков да опстане ако неколку пратеници од опозицијата отсуствуваат или гласаат воздржано.

Инаку, во текот на парламентарната расправа денеска во Софија имаше неколку протести, од вкупно 11, колку што биле најавени во Градската управа на Софија. Покрај денешните, протести се најавени и за утре и за задутре, кога најверојатно ќе се одржи гласањето доверба.

Како цели на протестите се наведени различни работи – од протест против смената на претседателот на парламентот Никола Минчев, што се случи минатата седмица, преку протести во поддршка на кабинетот на Кирил Петков до протести против кабинетот на Петков и барање оставка, а потоа протест за европска Бугарија без мафија, па протест против високите цени на горивата, потоа протест за субвенции за компензирање на високите цени на доставувачите на енергија до протести за заштита на бугарскиот национален интерес во Македонија.

Членови и симпатизери на ВМРО на Красимир Каракачанов денеска го блокираа домот на премиерот Кирил Петков во Софија, неколку часа пред почетокот на дебатата во парламентот.

„Причината што сме тука е да чуеме од премиерот одговори на прашања што ни се чинат важни во врска со двојната надворешна политика кон Северна Македонија“, објави европратеникот и ко-претседател на партијата, Ангел Џамбаски.

Поддржувачите на ВМРО, дваесетина на број, носеа и плакати на кои пишуваше „Оставка“. Потоа заминаа пред парламентот, но наскоро се разотидоа за да не се мешаат со демонстрантите од ДПС. Тие, пак, исто така протестираа за оставка на владата, а во еден момент и пратениците на партијата ја напуштија седницата за да им се придружат на приврзаниците.

Потоа пред парламентот се собраа и приврзаниците на ултранационалистичката „Преродба“.

(Во текстот се користени неколку вести од mediapool.bg, според договорот за соработка меѓу „Мета“ и „Медиапул“)

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...