fbpx

„Вима“: Грците годинава очекуваат полоша реприза на минатата година

-

Оптимизмот полека станува непознат поим за грчкиот народ. Анкетата на неделното издание на весникот „Вима“ покажува дека 71,5 отсто од граѓаните се изјасниле дека 2015 била година каде сè одело од лошо кон полошо, а 2016 година очекуваат да биде само реприза на лошото сценарио што го гледаа изминатите 365 дена.

Мнозинството од граѓаните анкетирани за весникот се изјасниле дека ова била година на голема надеж и на уште повеќе разочарувања од политиката. Според одговорите, 63,8 отсто до испитаниците по случувањата во 2015 година веќе не веруваат дека има алтернативно решение за Грција освен спроведувањето на меморандумот за штедење.

Повеќе од половина од граѓаните, поконкретно 55 отсто, веруваат дека новата година не носи оптимизам, туку само влошување на постојната ситуација, додека 24,5 отсто сметаат дека нема да се смени ништо.

Иако летниот договор со странските кредитори за нов меморандум за штедење, чекор кој ја подели владата и партијата на Алексис Ципрас, СИРИЗА, донесе мала гаранција дека е избегнато грчкото исклучување од еврозоната, голем број од граѓаните веќе не се сигурни дека било што е избегнато. Дури 62 проценти од граѓаните веруваат дека е можно да се повторат заканите и реалното сценарио за грчко напуштање на еврото. Половина од испитаниците се сомневаат дека коалицијата СИРИЗА – Независни Грци уште долго ќе издржи како влада, истакнувајќи дека не се исклучени или реконструкција на владата со нов владин партнер или, пак, нови избори по септемвриските.

Граѓаните веќе не ги исклучуваат сите можни негативни сценарија и велат никаква закана или нова перипетија веќе не може да ги изненади. Оптимистите се малцинство, само 6,2 отсто сметаат дека може да се намали невработеноста, 11 отсто се тие што веруваат во доаѓањето на нови странски инвеститори кои би можеле да дадат зрак светлина во подобрување на економските и на финансиските работи во државата.

Личност на годината, според анектата, е премиерот Алексис Ципрас, а веднаш зад него се контроверзниот поранешен министер за финансии, Јанис Варуфакис, кој го подготвува теренот за нова политичка партија, но и поранешната претседателка на собранието, Зои Константопулу, една од најблиските соработници на Ципрас која замина од СИРИЗА во знак на несогласување со новиот меморандум за штедење и до последен момент се обидуваше да ја блокира и да ја одложи работата на собранието за да се избегне гласање на новите мерки за штедење договорени со кредиторите.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...