Иако вчера имаше пообилни снежни врнежи, сепак низ нашите скијачки центри нема скијање бидејќи нема доволно снег.
Ски-лифтовите не работат, а и патеките не се подготвени.
Од скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ во Маврово велат дека не очекуваат обилни врнежи ниту во наредните денови, така што во овој центар нема да има скијање до Божиќ.
– Работат двоседот и едноседот за тие што сакаат да се прошетаат, а отворени се Трифкова колиба и Старо бачило. Ски-лифтовите не работат. Наврнатиот снег не е доволен за да има скијање, а според прогнозата, нема ветување за обилни снежни врнежи. За жал, снежниот бран што ги зафати БИХ и Хрватска, нас нè одмина – вели Дарко Стојановски од скијачкиот центар „Заре Лазаревски“.
Нема доволно снег ниту на Попова Шапка, така што ниту таму нема скијање.
– Нам ни требаат 25-30 сантиметри за да ги подготвиме патеките. Ако заврне вечерва, како што се прогнозите, тогаш утре можеби ќе ги пуштиме ски-лифотвите – изјави директорот на скијачкиот центар Попова Шапка, Петре Димитриевски.
Од скијачкиот центар Пелистер информират дека жичарницата била пуштена за време на празниците, но само за тие што сакале да прошетаат, додека скијање нема.
– Подготвени сме, но чекаме минимални количества снег за да се подготват патеките за скијање – изјави директорката на скијачкиот центар Пелистер, Мирјана Митревска.
Ако на најголемите скијачки центри им недостига снег за да почнат да работат, на Кожуф го има во изобилство, но нема скијање поради инфраструктурните проблеми. Патот до центарот е затворен за сообраќај поради свлечишта.