Вакцините, иако се алатка којашто спасува милиони смртни случаи годишно, сепак тие не се лек односно не се употребуваат за да со нив се лечат децата. Тие се превенција и заштита, и наспроти тврдењата дека се отровни, тие се многу безбедни. Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Објава на социјалната мрежа Фејсбук апелира до родителите „да не ги лечат децата во вакцини“ за кои се тврди дека се отровни. Ова е невистина. Ниту вакцините служат за лечење, ниту се отровни.
Прекинете да ги лечите вашите здрави деца со отровни вакцини.
Грешката е непоправлива, пишува во објавата.
Рецензираме вирална објава на Фејсбук која шири невистини за вакцинирањето на деца и притоа предизвикува опасност по јавното здравје. Имено, во објавата се споделуваат две невистини – дека вакцините служат за лечење и дека тие се отровни.
Вакцините, иако се алатка којашто спасува милиони смртни случаи годишно, сепак тие не се лек односно не се употребуваат за да се лечат децата, како што тврди објавата. Тие се превенција и заштита, а не лек.
Вакцините се производи кои обично се даваат во детството за заштита од сериозни, често смртоносни болести. Тие му помагаат на вашиот имунолошки систем поефикасно да се бори против инфекциите со тоа што ќе го поттикнат вашиот имунолошки одговор на одредени болести. Потоа, ако вирусот или бактеријата некогаш го нападне вашето тело во иднина, вашиот имунолошки систем веќе ќе знае како да се бори против него.
Вакцините го намалуваат ризикот од заболување работејќи со природната одбрана на вашето тело за да се изгради заштита. Кога ќе добиете вакцина, вашиот имунолошки систем реагира на следниот начин:
- Ги препознава бактериите кои напаѓаат, како што се вирусите или бактериите.
- Произведува антитела. Антителата се протеини природно произведени од имунолошкиот систем за борба против болести.
- Се сеќава на болеста и како да се бориме со неа. Ако потоа бидете изложени на микроби во иднина, вашиот имунолошки систем може брзо да го уништи пред да се разболите.
Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.
Наспроти второто неточно тврдење во објавата дека вакцините се отровни, тие се многу безбедни. Здравјето на детето е многу поверојатно да биде нарушено поради болест што може да се спречи со вакцина, отколку од вакцина. Сите вакцини минуваат низ ригорозни безбедносни тестови, вклучително и клинички испитувања, пред да бидат одобрени за јавноста. Земјите регистрираат и дистрибуираат само вакцини кои ги исполнуваат ригорозните стандарди за квалитет и безбедност. Вакцините се исклучително безбедни, а сериозните несакани ефекти се ретки. Речиси сите реакции или непријатности по вакцинацијата се мали и привремени, како што е болка на местото на инјектирање или блага треска. Опсежните студии и истражувања покажуваат дека нема докази за поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот.
Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцините помагаат да се заштити вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозна штета или смрт, особено кај луѓе со неразвиен имунолошки систем како доенчиња.
Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.
Вакцините кои се регистрирани во Македонија за заштита од овие болести, се истите што се користат во европските земји.
Според Министерството за здравство, безбедно е да се примаат повеќе вакцини истовремено и тоа не го нарушува одбранбениот систем на детето. Секоја вакцина треба да се прими навремено, според календарот на имунизација за да се обезбеди најдобра заштита и имунитет. Пропуштена вакцина или одложена вакцина може да го изложи детето на висок ризик од опасни болести.
Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.
Поради сите наброени факти заклучуваме дека оваа Фејсбук објава неосновано и невистинито ги убедува корисниците на социјалните мрежи да не ги вакцинираат своите деца односно да ги одбиваат вакцините.