Вакцинацијата со прва доза досега опфатила 57 отсто кај луѓето на возраст над 39 години

Фото: Мета.мк

Вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава, соопшти Министерството за здравство (МЗ). Заклучно со 17 октомври, со една доза на вакцина против ковид-19 вакцинирани се 49,4 отсо од населението над 18 годишна возраст. Кај лицата над 40 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 57 отсто, а кај лицата помеѓу 18-39 години опфатот со една доза на вакцина изнесува 33 отсто.

Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во градовите Охрид (65,1%), Кавадарци (65,3%), Неготино (66,3%), Гевгелија (62,4%) и Ресен (60,6%).

Помеѓу 50 и 60 отсто опфат на вакцинирано население со прва доза има во градовите Битола, Кичево, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Скопје, Валандово, Штип, Пробиштип.

Помеѓу 40 и 50 опфат на вакицнинирани граѓани има во градовите Кичево, Свети Николе, Кочани, Виница, Делчево, К.Паланка, Струга, М.Брод и Тетово.

Помеѓу 30 и 40 отсто,, односно најмалку вакцинирани во моментов има во Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и Радовиш.

„Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Вакцини има доволно и истите се достапни за сите што сакаат да се вакцинираат. Со извршена комплетна вакцинација се заштитувате себеси и своите најблиски од компликации на болеста предизвикана од вирусот ковид-19. Вакцините штитат од смртен исход и спречуваат натамошно ширење на вирусот. Ги повикуваме сите кои досега не се вакцинирале, да го направат тоа во најскоро време на еден од најблиските пунктови до местото на живеење“, порачува Министерството за здравство.