В среда во Ѓаково се отвора изложбата „Современи македонски стрип автори“

В среда со почеток од 19 часот во Ѓаково, Србија ќе се отвори изложбата „Современи македонски стрип автори“ во Домот на културата во Ѓаково

Изложба на македонски стрип во странство

Во рамките на осмиот Интернационален фестивал на стрипови и фантазија во Сомбор, Србија, Домот на културата – Ѓаково заедно со Клубот на љубители на стрипот – Сомбор во среда, со почеток во 19 часот, ќе се отвори изложбата „Современи македонски стрип автори“.

Приредувач и селектор на оваа изложба е програмскиот координатор на Стрип центар на Македонија – Велес, Томе Трајков.

На изложбата ќе бидат изложени над 40 стрип табли со стрипови од различни жанрови, изработени од стрип автори од Северна Македонија, а посетителите ќе имаат можност да се запознаат со актуелната македонска стрип сцена.

Овој фестивал е поддржан преку проектот „Култура за демократија“ на швајцарската влада и имплементиран од Фондацијата Heartefact, како и од страна на градот Сомбор.

Како што појасни Томе Трајков, станува збор за истата поставка која што беше изложена за време на 8. Интернационален фестивал на стрипови и фантазија во Сомбор, на којшто и самиот присуствуваше. Застапени се голем број стрип артисти од земјава: Ангела Петрушевска, Дамјан Шокев, Дарко Богданов, Ѓургица Варела, Илко Стојановски, Јана Бутеска, Лазар Ангелков, Максим Ристески, Методија Стојановски, Оливер Цветковски, Славица Купенкова, Тоде Блажевски и Цанко Стефанов.

Сценаристи на повеќето од делата се Александар Стеванов од Штип, Ване Трајков и Ѓоре Гелев од Велес, како и Александра Ристески и Војдан Андонов од Скопје.

Во низата на овие изложби „Клубот на љубители на стрипот – Сомбор“ Србија, ќе бидат организирани уште две изложби. Меѓународната соработка на Стрип центарот на Македонија ќе биде проширена преку нови проекти.