В понеделник и вторник упис на УКИМ – слободни се 10.798 места

Филолошки факултет „Блаже Конески“. Фото: Арбнора Мемети

В понеделник и вторник (31 август и 1 септември) ќе се врши пријавувањето за упис во прва година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Прелиминарната ранг-листа со резултати од успехот од средно образование ќе биде објавена на 3 септември, додека пак, конечната ранг-листа на 7 септември. Запишувањето на кандидатите е закажано за 10 и 11 септември.

Слободни се вкупно 10.798 места за идни студенти на 23 факултети во состав на УКИМ, за прв циклус студии во академската 2020/2021 година. Од нив, 5.300 места се во редовната квота т.е. кои се финансираат од буџетот на државата, 4.438 се за кофинансирање на студиите и 1.060 слободни места има за вонредни студенти.

Вториот рок за пријавување кандидати за прва година во 2020/2021 на УКИМ ќе биде на 15 и 16 септември, а третиот е на 28 септември на оние факултети каде што ќе останат слободни места.

Надоместот за студии за редовни студенти останува 200 евра во денарска противвредност, а за студентите со кофинансирање и за вонредни е 400 евра.

Поради пандемијата со ковид-19, оваа година, се укина државната матура. Матурантите добија диплома за завршено средно образование која има важност на диплома за државна матура, училишна матура или завршен испит.

Повеќе детали за условите и критериумите за упис и начинот на бодирање за селекција на матурантите кои ќе бидат примени на факултетите, како и информации за потребните документи може да се прочита тука.