Утре премиера на 10-тата симфонија на Бетовен довршена со вештачка интелегенција

За утре, 9-ти октомври во 19:00 часот е најавена премиерата на 10-та симфонија на Бетовен која е довршена со помош на вештачка интелегенција (AI).

Познатиот германски композитор и припадник на класицизмот во осумнаесеттиот век има зад себе оставено 9 значајни симфонии, но и нацрти и белешки за 10-та симфонија која останала не довршена. Искористувајќи длабоки анализи на претходните дела на Бетовен, неговите влијанија, музичкиот речник и други аспекти, експертите со помош на вештачката интелегенција ја „оживеаја“ десеттата симфонија.

Се работи за експеримент во кој специјален алгоритам беше нахранет со изобилство на податоци, од кои подоцна произлезе првото музичко дело во кое вештачката интелегенција игра клучна улога – пишува на сајтот на Македонски Телеком, кој е и преносител на настанот.

Симфонијата ќе може да се слушне на официјалниот веб-сајт на Телеком, на МахТв – инфо канал бр.7 и на Дигиталниот билборд на плоштадот „Македонија“.

Премиерата ќе оди со директен пренос од Бон, родниот град на Бетовен со интерпретација на Бонскиот Бетовен Оркестар во соработка со најсовремената технологија и експертизата на стручниот тим – велат од Телеком.

Покрај премиерното слушање на најновиот потфат во експериментирањето со вештачката интелегенција во областа на музиката, програмата ќе содржи и воведен дел, говор од страна на Тим Хетгес (претседател на Дојче Телеком), краток филм за довршување на симфонијата, дискусија со експерти и за крај изведба на 8-та симфонија на Бетовен.