Разговор со Соња Андонов за нејзината нова книга „Бушава азбука на музиката“

Фото: Соња Андонов

Минатата недела излезе од печат книгата „Бушава азбука на музиката“ на Соња Андонов која е наставник по пијано во Државното Музичко Училиште во Тетово, „Тодор Скаловски-Тетоец“. Таа вели дека таму е целиот нејзин живот, прво како ученичка, потоа како наставник, кој речиси 40 години им ја пренесува љубовта кон музиката на учениците преку изучување на пијаното. Минатата година беше објавена нејзината прва книга, монографијата „Драга учителке“. Веќе оваа година таа ни подарува нова за читање. Андонов претходно во 2000 година се јавува и како коавторка на монографијата за Основното музичко училиште во Тетово. Таа раскажува дека музикологијата е нејзината прва љубов од што произлегува ова ново дело.

Мета: Што може да ни откриете во врска со „Бушава азбука на музиката“, за што се работи, кон што посочува?

Соња Андонов: Книгата „Бушава азбука на музиката“ претставуваше популаризација на музичката уметност. Идејата да се направи книгата е да се создаде „буквар“ за љубителите на музиката, меѓу сите генерации, образовни профили, со желба класичната музика да допре до секого. За разлика од монографијата „Драга учителке“, која е посветена на животот и педагошката дејност на мојата учителка по пијано, која мене ми ја всади љубовта кон музиката, „Бушава азбука на музиката“ јас ја посветувам на моите драги ученици бидејќи поголемиот дел од содржината е настаната на нашите часови по пијано. Книгата содржи основни поими кои сметам дека секој ученик кој завршува основно музичко училиште, покрај тоа што ќе го совлада свирењето на некој инструмент, тој да излезе со едно општо познавање на музичката уметност.

Мета: Кога ја пишувавте книгата?

Соња Андонов: Поголемиот дел од содржината на „Бушава азбука на музиката“ е настанат спонтано во 2020 година, во годината кoјаштo oстана забележана пo пандемијата предизвикана oд вирусoт Кoвид-19, кoга целиoт свет запре пред нoвата болест и за кoја дoлгo време се бараа начини за лекување, за намалување на смртноста, за спас за човештвото. Една од препораките за заштита и спречување на ширење на болеста беше „Седете дома“. Благодарение на современата комуникациска технологија, музеите, театарските и сите други институции од културата ги отворија „вратите“ и со својата програма и содржина „влегоа“ во секој дом, се доближија до секој посетител или гледач. Покрај физичкото, во тoј периoд, на човештвото му беше потребно и духовно лекување, а најдобар лек за тоа е уметноста. Приказните, поместени во книгава, започнаа да се појавуваат на социјалните мрежи со истата намена, да послужат да се сочува состојбата на духот, да се намали стресот кај луѓето, да им се разубави периодот на изолираност. Но, истовремено и да се научи по нешто за музиката. Морам да признаам дека добивав позитивни реакции од моите пријатели во врска со текстовите и изборот на музиката. Познавајќи ја моќта на музиката, приказните и избраните композиции во „Бушава азбука на музиката“ ги подарувам како „лек“ за зачувување на менталното здравје во периодот на пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19.

Мета: Од што најмногу се инспириравте?

Соња Андонов: На почетокот на пандемијата, збор што најчесто се повторуваше, а звучеше како „страв од непознатото“, беше зборот „корона“. Во музиката тој збор има сосема друго значење и чувствував потреба тоа да го објасниме на социјалните мрежи. Како што пандемијата се создаде од „короната“, исто така и „Бушавата азбука на музиката“ започна со приказната на буквата К – корона. Што значи – сè започна од „короната“. Во исто време започнаа да се репризираат епизодите на култната „Бушава азбука“, па така се роди идејата да создадам своја „бушава азбука“ со поими од музиката. На социјалните мрежи објавував текстови за музиката кои се однесуваа на одредени имиња на композитори и изведувачи, давав толкувања на поими од музичката уметност, опишував инструменти, објаснував периоди и сл. Ова печатено издание е надополнето со текстови кои се однесуваат и на македонската музика. Секоја буква има своја ликовна и музичка илустрација. Илустрациите се во боја и нив ги изработи Ана Андонова, а избраните композиции се наоѓаат на ЦД кое го подготви Гоце Симоноски. Морам да признаам дека токму овие илустрации, тука мислам на ликовната и музичката, дополнително ја красат самата книга.

Оваа „музичка лектира“ има едукативно-забавен карактер, а, исто така, има за цел да го насочи и поттикне читателот понатаму самиот да истражува и да открива нови тајни и „скриени места“ во „царството на музиката“. Фото: Соња Андонов

Соња додава дека книгата е првенствено наменета за учениците од музичките училишта кои се во најблизок допир со класичната музика и поради тоа е пишувана на јазик разбирлив за децата. Таа додава дека покрај тоа, во неа може да уживаат сите љубители во музиката без разлика на нивната возраст или музичка наобразба. Андонов најавува промоција за книгата која потоа ќе биде достапна за читателската публика.

Печатењето на оваа „музичка лектира“, како што ја нарекува авторката е поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија.