Неделава во рамките на Скопско лето има голем избор на настани од различни области. Во Чифте амам вчера се отвори изложбата на Михаил Корубин „Визуелна артикулација“. Тој на публиката ѝ се претстави со 13 големи платна кои ги насликал годинава како и со минијатурни графики арт токен, а самиот тој е иноватор на овој стил.
Денеска во Музејот на македонската борба за сите љубители на класичната музика ќе се одржи концерт на Андреј Наунов на пијано и Кристијан Жермен од Австрија. Овој настан е во соработка со Австриската амбасада во Скопје.
За најмладата публика во среда ќе игра претставата „Некој нека ми каже колку сум важен“ во Театарот за деца и младинци, со почеток во 19 часот. Во Куршумли ан, пак, со почеток во 20 часот стартува концертната промоција на албумот „Вида“ на MIYATTA.
Фотографот Ацо Кондев со изложбата „Парис ла Дефанс“ е на програма во четврток, во Културно информативниот центар со почеток во 20.30 часот.
Во продукција на Снежана Богдановска – Сани ќе се одржи модна ревија како омаж на Тјери Муглер, насловена како „Ангел на ексцентричноста“ во петок на 30 јуни. Станува збор за ревија на студентите на Институтот Изет Цури според инспирација од моделите на дизајнерот Тјери Муглер. Специјални гости учесници ќе бидат Изет Цури, Никола Ефтимов, Доминик Брунет, Игор Марков и други. Режијата е на Анастасија Стејси Марш Богдановска.
Саботата е резервирана за изложба на фотографии на Џон Илија Апелгрин „Забранети луѓе“ и тоа во Кинотека на Македонија со почеток во 20 часот. Малку подоцна, во 21 часот е најавен Гала оперски концерт на Националната опера и балет со солистите, хорот и оркестарот на НОБ. Диригентската палка е на Реваз Јавакишвили од Грузија. На програмата се арии од Верди, Пучини, Чилеа и Моцарт.