„За убавите моменти да станат поубави“ – интервју со режисерката Ана Андонова

Фото: Ана Андонова-лична архива

Филмот за Ана е платното на кое ги слика емоциите кон темите што ја засегаат додека изворните идеи се секојдневни ситуации од кои произлегуваат значајни сценарија. Себе си во сферата на филмот се „монтира“ уште од 14-годишна возраст, а последователните години ѝ донесоја бројни меѓународни награди и признанија. Tаа сега студира на Американскиот универзитет на Европа – ФОН од каде што го најави нејзиниот најнов документарен филм насловен со „LILI“. Во интервју за Мета.мк младата режисерка ни раскажа за својата конекција со филмот и за нејзината позиција во истата.

Кој беше твојот прв допир со филмот?
Уште од многу млади години бев член на Летечката театарска трупа од Тетово и театарот така ми стана најголема љубов. Од секогаш сум сакала еден ден да направам театарска претстава. Но, решив да направам „полесен“ чекор на 14 години и да снимам краток филм за кој инспирација добив од театарската претстава во која учествував – „Отпишани“. На филмот му го дадов името „Грашок“ и беше многу возбудлив проект за мене и за моите пријатели (колеги од театар) кои ги носеа главните улоги во филмот. Првите филмски искуства се секогаш најслатки и од истите се голтаат најголемите лекции како резултат на правењето на најголемите грешки – што е сосем нормален тек на учењето.

Снимање на филмот „LILI“ Фото: Ана Андонова-лична архива

Претходно имаш изјавено дека филмови правиш само кога имаш некоја посебна инспиративна идеја на ум. Но, што е она што е заедничко и се состои во сите твои филмови?
Да, никогаш не форсирам да снимам некој филм, тоа го правам исклучиво кога ќе добијам идеја за снимање. Сакам да снимам она што ми е мене интересно или за кое сакам да обратам внимание бидејќи само така би можела целосно да се посветам на филмот. Темата е секогаш различна – филмовите ги имам снимано од 14 години па сè до 21 година и во секоја година сум имала посебна приказна да раскажам. Како вечна инспирација можам да го издвојам балетот кој често го прикажувам во филмовите и фотографиите.

„Правењето на филмови го зедов како хоби, а како такво и остана. Причината е тоа што правењето филмови е нешто кое го правам со љубов, а самото тоа е состојка да сакам од секој направен филм да научам нешто ново за наредниот филм да е подобар. Тоа е мојот рецепт за напредок.“                           Фото: Ана Андонова – лична архива

Учиш дизајн и мултимедија, зошто не филмска режија?
Ова е прашање кое често го добивам. Филмските монтажери се битни улоги во филмската индустрија кои покрај техничкиот дел на изработка на филм, истите мораат многу да знаат во областа на режијата, да размислуваат како режисери. Но, исто така од секогаш ме интересирала анимацијата и илустрацијата и тие се области во кои би сакала и професионално да се занимавам.

Сега скоро заврши фестивалот „Giffoni“ во Македонија, и ти беше дел од него. Од кога си вклучена во тие активности и какви се твоите искуства со оваа фестивалска организација?

Минатата година на филмскиот фестивал Giffoni беше прикажан филмот „Малечка“. Публиката позитивно го прими филмот, а тоа го заклучив по разните прашања кои ми ги поставија во врска со тематиката и начинот на снимањето на филмот. Оваа година истото се повтори кога се прикажа документарниот филм „Лили“. Секоја година на фестивалот Giffoni учествуваат млади лица кои се поткрепени со многу предзнаење за филмовите и уметноста. Кога сите тие ќе се соберат на овој фестивал често следуваат богати дискусии и најчесто тие учат едни од други преку искажување на своите критички гледишта кон филмовите. Мене ми беше чест да можам лично да комуницирам со таа публика која и оваа година ме прели со многу добри прашања кои отворија теми за дискусии за снимањето на документарни филмови како млади лица, а и за самата тематика на филмот која е за човекови права.

Снимање на филмот „Малечка“ Фото: Ана Андонова-лична архива

Kој е филмскиот фестивал од соништата на кој би сакала да се претставиш?
Многу бев горда кога документарниот филм „Медена земја” доби награда на филмскиот фестивал Sundance и истото би сакала и јас еден ден да го постигнам.

Каде се гледаш себе си за 5 години?
Сакам да се занимавам со истите работи кои ги работам денес, но да бидам многу подобра во истите. Сепак, уживам и во процесот на учење кој е исполнет со убави и понекогаш неубави моменти (за убавите да бидат поубави).

Која е Ана надвор од улогата на режисер/монтажер?
Моментално сум студент и уживам во студентскиот живот во услови на пандемија, но добро се снаоѓам.

Андонова е автор и креатор на кратките играни филмови: „Грашок“, „Музичка кутија“, „Секунда до вечноста“, „Кошмар во сино“, „Конекција“, „Малечка“, „June under Tetovo“ и „January over Tetovo“, анимираниот филм „Miror“ и својот прв документарен филм кој сè уште се натпреварува по фестивали пред да се прикаже за останата публика, филмот „LILI“. „Секунда до вечноста“ е награден на 4 различни манифестации и тоа: NettyWood FilmFest – победник во втора категорија, бронзен медал на WORLD MOVIE CONTEST UNICA 2017 (Dortmund), International computer project competition INFOMATRIX (Bucharest) признание со сребрен медал и златна плакета на Државниот фестивал на непрофесионален филм во Охрид. Речиси сите останати филмови исто така и носат по неколку награди и признанија.