Успешно одржан хакатонот #РешиПроблем на „Младите можат“

фото: Здружение на граѓани „Младите можат“

Пет тимови составени од млади луѓе од целата држава имаа за задача да оформат решение со коешто ќе решат проблем од нивната заедница во рамки на хакатонот #РешиПроблем 2023 што го организира Здружението на граѓани „Младите можат“.

Од сите решенија биле одбрани две, што добија поддршка од по 60.000 денари за имплементација на решенијата, но и менторска поддршка за целосниот проект да се реализира во наредните 60 денови.

„Откако минатиот ноември успешно се одржа Social Day 2022 на кој што се собраа средства во висина од 175.500,00 денари и откако успешно го формиравме Младинскиот фонд, следна задача за нас беше да го организираме хакатонот #РешиПроблем 2023“, велат од „Младите можат“.

Хакатонот се одржа на 7 и 8 февруари, а секој од петте тима имал задача во рок од 48 часа до состави решение што ќе го презентира пред стручна жири-комисија, составена од претставник на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), организацијата АРНО и здружението „Младите можат“.

Пред комисијата биле презентирани решенија кои се однесуваат на подобрување и збогатување на културните содржини за младите во заедницата, младински катчиња, филтрација на воздухот во училиштата, заштита на личните податоци кај младите и подобро информирање на младите луѓе.

Согласно резултатите, наградени се решенијата на тимовите „Млади распеани велешани“ и „Safe Gen“. Двата тима ќе добијат поддршка во износ од по 60.000 денари од Младинскиот фонд и менторска поддршка, додека останатите тимови добиле благодарници за учеството, но и детални насоки и помош за тоа како да ги спроведат одличните решенија.