УНИЦЕФ: Над 5.800 деца и тинејџери од Европа и Централна Азија починале од загаден воздух

Состојбата со загадениот воздух е криза на детските права, бидејќи последиците се доживотни и претставуваат севкупна закана по здравјето, развојот и добросостојбата на децата, вели Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ

Фото: Kelly Sikkema on Unsplash

Над 5.800 деца и тинејџери во регионот на Европа и Централна Азија починале поради причини поврзани со загадениот воздух во текот на 2019 година. Според новата анализа на податоци што ја објави УНИЦЕФ, најголемиот број, односно, 85 проценти, починале пред својот прв роденден.

Во Почетоци без здив: Алармантни ефекти од загадениот воздух врз децата во Европа и Централна Азија се истакнува дека кај децата кои се изложени на загаден воздух има зголемен ризик од сериозни здравствени проблеми, вклучително и акутни респираторни инфекции како што е пневмонијата, што е особено опасна за бебињата и малите деца.

„Дишењето загаден воздух предизвикува трајни оштетувања на белите дробови кај децата, што доведува до зголемен ризик од астма и хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања и болести, вклучително и канцер. Загадениот воздух може подоцна во животот да предизвика и невролошки нарушувања како резултат на раното оштетување на детскиот мозок“, се истакнува во анализата.

Таму се додава дека за разлика од возрасните, децата се повеќе изложени на загаден воздух бидејќи тие дишат два пати побрзо и често преку уста, внесувајќи повеќе загадувачи. Бидејќи се помали по раст, децата се и поблиску до тлото каде што се акумулираат загадувачите.

Од УНИЦЕФ велат дека нивоата на загаден воздух низ земјите на Западен Балкан се неверојатно високи и тоа предизвикува огромни штетни последици по здравјето на луѓето и смртност. Северна Македонија не е исклучок, а главниот град Скопје и повеќе други градови често се наоѓаат на врвот на листите на градовите со најзагаден воздух во Европа и пошироко. Загадениот воздух е најголемата еколошка закана по здравјето на луѓето во регионот, а луѓето од градовите дишат воздух со концентрација на честички што е и до петкратно повисока од нивоата утврдени во насоките на национално и европско ниво.

„Состојбата со загадениот воздух е криза на детските права, бидејќи последиците се доживотни и претставуваат севкупна закана по здравјето, развојот и добросостојбата на децата,” рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

За да се надмине овој проблем, УНИЦЕФ во Северна Македонија работи во партнерство со Шведска на зајакнување на капацитетите на националните и локалните власти, како одговорни за управување со квалитетот на воздухот и податоците за квалитетот на воздухот, истовремено подигнувајќи го гласот на децата и младите како носители на права, со цел да се постигнат промени во политиките и социјалните норми.

Како дел од ова партнерство, УНИЦЕФ моментално работи на подобрување на квалитетот на образованието за животната средина во училиштата, со посебен акцент на загаденоста на воздухот.

„Преку Мрежата за искуствено учење, на училиштата ќе им се понуди Програма за искуствено учење, со цел учениците да учат и целисходно да се ангажираат околу темата за квалитетот на воздухот. Дополнително, УНИЦЕФ го поддржува и развојот на програми за формално и неформално образование за зелени работни места и подобар квалитет на воздух, а тоа ќе придонесе за справување со загаденоста на воздухот и идното вработување на младите во еколошката економија“, велат од УНИЦЕФ.

УНИЦЕФ ги повикува националните и локалните власти да ги зајакнат политиките и инвестициите за да се забрза преминот кон чиста и ефикасна енергија и транспорт низ сите сектори. Тука спаѓа и поддршката за енергетска ефикасност и пристап до чиста енергија, обука на здравствените работници од примарната здравствена заштита за вршење прегледи кај децата и откривање на заболувања поврзани со загадениот воздух, и проширување и забрзување на плановите за намалување на загаденоста на воздухот на државно и општинско ниво.

За да се заштитат децата од изложеност, УНИЦЕФ ги повикува владите да воспостават и одржуваат систем за следење на квалитетот на воздухот во близина на детските градинки и училиштата, и информациите да ги споделуваат со јавноста, истакнувајќи ги нивоата на загаденост на воздухот коишто се опасни за децата и бремените жени.