fbpx

УНИЦЕФ: Дебелината, невакцинирањето, пост-ковид кризата се пречки за соодветен развој на децата

Поради дезинформации, децата испуштаат шанса да примат вакцини кои спасуваат живот. Дебелината кај децата зема замав, со што цели генерации се во ризик од проблеми со физичкото и менталното здравје во иднина, вели претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани, 30 години откако Македонија ја потпиша Конвенцијата за правата на детето и ја воспостави соработката со УНИЦЕФ

-

И покрај тоа што помалку деца умираат денес отколку пред 30 години, земјата сѐ уште има висока перинатална стапка на смртност во споредба со земјите-членки на ЕУ и членките на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа. Поради дезинформации, децата испуштаат шанса да примат вакцини кои спасуваат живот. Освен тоа, дебелината кај децата зема замав, со што цели генерации се во ризик од проблеми со физичкото и менталното здравје во иднина.

Ова е дел од изјавата на претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани за состојбата на децата, 30 години откако Македонија ја потпиша Конвенцијата за правата на детето и ја воспостави соработката со УНИЦЕФ.

Таа рече дека во текот на овие 30 години земјата направила исчекори во унапредувањето на правата на детето, помалку деца умираат на возраст од 0 до 5 години, повеќе деца имаат пристап до основно и средно образование и нема деца сместени во големи институции.

Сепак, голем дел од проблемите остануваат.

Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава / Фото: Unicef.org

„Пред Ковид-19, земјата веќе беше соочена со криза во учењето. Повеќе од половина ученици на петнаесетгодишна возраст не ги задоволуваа основните нивоа на знаење по читање и математика. Сè уште не се познати ефектите од програмите за закрепнување од загубите во учењето за време на пандемијата. Исто така не е познато до која мера беа успешни заложбите на училиштата да ги опфатат децата кои се отпишале од училиште за време на КОВИД-19. Зголемен е бројот на деца што покажуваат знаци на анксиозност и страв и затоа е потребна поддршка на менталното здравје во училиштата“, вели Патриција ДиЏовани.

Од УНИЦЕФ велат дека предуслов за да се подобри квалитетот и инклузивноста на образованието за сите деца е зголемување на јавното финансирање во образованието и инвестициите во образованието. Неопходни се реформи на наставната програма за секое дете да се здобие со знаење, вештини и способности што ќе му помогнат да напредува во едно модерно општество.

„Децата кои заостануваа во резултатите во читање и математика пред пандемијата на Ковид-19 сега се возрасни луѓе кои или се запишуваат на факултет или стануваат дел од работната сила. Вака ќе биде со сите што доаѓаат, сè додека не се реши ситуацијата. Ова е итно. Ова е важно. Ова ќе има сериозни последици врз сегашните и идни генерации“, апелираат од УНИЦЕФ.

Ускратувањата во раните години од детскиот развој, исхраната, образованието, безбедноста и љубовта и негата, според УНИЦЕФ, се меѓу петте најчести фактори што предизвикуваат повеќедимензионална детска сиромаштија.

„Децата со попреченост и понатаму наидуваат на бариери во поглед на пристап до редовното образование, а децата Роми и понатаму наидуваат на бариери во поглед на напредување во образованието. Овие неправични состојби ги држат во постојана состојба на исклученост и ги лишуваат од можноста да ги следат своите врсници во развојот. Невозможно е да гледаме кон иднината без да се осврнеме на правичноста, а првиот чекор во оваа насока треба да биде надминување на повеќекратната дискриминација на ранливите деца“, велат од УНИЦЕФ.

Понатаму, во изјавата Патриција ДиЏовани се споменуваат и климатските промени и нивното влијание врз децата.

„Во споредба со возрасните, децата се поранливи на загадувањето на воздухот. Скопје и други градови во Северна Македонија честопати се наоѓаат меѓу најзагадените градови на светот. Мора да работиме заедно со децата и младите за да ги поддржиме заложбите за подобрување на образованието за животна средина и да ги поддржиме иницијативите на младите за справување со влошената животна средина и климатските промени“, вели ДиЏовани и додава дека секој од нас како дел од општеството има одговорност да создаде услови за секое дете во земјата да има подобро детство, фер шанса, подобра иднина и можност да го постигне својот целосен потенцијал.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Амнестијата за „Хашките случаи“ е направена во 2011 година од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Во јули 2011 година Собранието со гласовите на тогашното владејачко мнозинство изгласа амнестија за четирите „Хашки случаи“. Тогаш парламентот со 63 гласа „за“ и 29 „против“ (опозициски пратеници) го усвои...