УНЕСКО, Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации донесе предлог-одлука Охридскиот регион да се стави на Листата на светско наследство во опасност. Предлог-одлуката треба да се разгледува од Комитетот за светско наследство на 44. Сесија на УНЕСКО во Кина, од 16 до 31 јули годинава.
„Комитетот е длабоко загрижен за заклучоците на мисијата од 2020 година, според кои, високите објекти близу езерото, слабиот архитектонски квалитет на изградената средина, посебно во градовите Охрид, Струга и Поградец, но и долж крајбрежјето надвор од урбаните средини, како и несоодветната и претерана употреба на крајбрежната зона за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание врз универзалната вредност на регионот“, се вели во документот на УНЕСКО.
Комитетот ги поздравува напорите за решавањето на препораките, меѓу другото и привременото стопирање на одобренијата за градење, како и уривањето на некои незаконски. Но, оценува дека, иако некои одлуки и препораки од реактивната мисија во изминатите шест години биле адресирани, неколку од нив биле делумно или недоволно спроведени, а голем број од нив воопшто не биле регистрирани.
Комитетот за Светско наследство, меѓу другото, од двете земји бара да развијат детален стратешки план за санација и акциски план во фази поврзан со јасно дефинирани цели и исходи за да се ублажат заканите за универзалната вредност на краток и долг рок. Од Северна Македонија и од Албанија се бара фазен акциски план, кој би обезбедил сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќекратните закани со кои се соочува регионот.
Од двете земји се бара до 1 февруари 2022 година да поднесат ажуриран заеднички извештај за состојбата за зачувување на регионот, до Центарот за светско наследство.
Според Министерството за култура, предлог-одлуката на УНЕСКО не ги отсликува во целост реформите и активностите на централната и локалните власти, но без разлика на крајната одлука, во соработка со Албанија и Центарот за светско наследство, ќе се продолжи со спроведување на препораките на УНЕСКО за заштита на Охридскиот регион.